Лидерот на Партијата на правото и правдата (ПиС) и поранешен премиер на Полска, Јарослав Качински, чиј кандидат победи на вчерашните претседателски избори рече дека резултатот од изборите претставува црвен картон за владата и го повика Туск да си поднесе оставка
Полскиот премиер Доналд Туск најави дека ќе повика на гласање доверба на неговата влада во обид да ја зајакне поддршката за неговата коалиција по вчерашниот исход на претседателските избори во земјата, пишува „Гардијан“.

На изборите за шеф на државата победи независниот кандидат поддржан од Партијата на правото и правдата, Карол Навроцки, кој во неверојатно тесна трка излезе пред неговиот проевропски ривал и градоначалник на Варшава, Рафал Тшасковски.
Во своите први јавни коментари откако беа објавени резултатите од вчерашниите избори во Полска, Туск вети дека веднаш ќе се зафати со работа и ќе поднесе голем број предлог закони.
Честитајќи им на поддржувачите на десничарскиот опозициски кандидат за неговата победа, Туск доцна вечерва изјави дека владата има план за непредвидени ситуации, ветувајќи дека нема да застане ниту за момент и ќе ја удвои својата законодавна агенда.
„Сакам сите, вклучително и нашите противници дома и во странство, да видат… ја разбираме сериозноста на моментот, но нема да се повлечеме ниту еден чекор“,
рече Туск.
Тој најави дека ќе побара гласање доверба на неговата влада во парламентот за да го потврди своето мнозинство.
Ваквиот потег, како што пишува „Гардијан“, ја отсликува тешката позиција на владата на Туск во соочувањето со последиците од губењето на претседателските избори.
Туск предводи идеолошки разновиден и политички кревок сојуз на проевропски партии, од аграрната десница до социјалдемократска левица, кои ветија дека ќе ја вратат демократската рамнотежа во земјата која еродираше за време на осумгодишното владеење на Партијата на правото и правдата(ПиС).
По 18 месеци тешка кохабитација со претседателот во заминување и сојузник на ПиС, Анджеј Дуда, владата се надеваше дека проевропскиот градоначалник на Варшава, ќе победи на изборите и ќе ја укине заканата од претседателско вето врз прогресивното законодавство.
Но, поразот вчера ќе ѝ го отежне на владата исполнувањето на своите ветувања, продолжувајќи го политичкиот ќорсокак.
Навроцки, кој доби јавна поддршка од високи членови на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, е критички настроен кон Европската Унија и се очекува да се најде во друштво со други евроскептични лидери, како што е унгарскиот Виктор Орбан, анализира британскиот весник.
Ова води кон ризик од поделби во ЕУ во време кога Унијата се соочува со тешки предизвици, од кои во прв ред се војната во Украина и тарифите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Иако улогата на претседателот на Полска во голема мера е церемонијална, со одредено влијание врз надворешната и одбранбената политика, таа носи клучна моќ за вето на законите, кои можат да се поништат само со мнозинство од 60 отсто во парламентот, што коалицијата на Туск во моментов го нема.
Датум за гласање доверба на полската влада не е одреден, но наводите се дека тоа би можело да се случи уште оваа недела бидејќи за утре и среда се закажани седници на парламентот.
Освен ако не се соочи со бунт во својата коалиција, Туск има доволно гласови за да обезбеди поддршка во парламентот.
Говорејќи само неколку минути пред Туск, лидерот на Партијата на правото и правдата (ПиС) и поранешен премиер на Полска, Јарослав Качински рече дека резултатот од изборите претставува црвен картон за владата и го повика Туск да си поднесе оставка.

Во прикриена покана до другите партии да размислат за алтернативно мнозинство, Качински повика на формирање техничка влада што ќе ја замени актуелната, а која, како што кажа, може да биде предводена од премиер кој не мора да има врска со неговата партија.
Тој рече дека ваквата техничка влада би имала пријателски односи со новиот претседател и би можела да го врати мирот во Полска, да ги намали тензиите и да ја подобри ситуацијата во сите клучни области од општествениот живот во земјата.
Вчера, пратеникот и висок функционер на ПиС, Пшемислав Чарнек, изјави дека дека неговата партија наскоро би можела да започне со обиди за дополнително цепкање на веќе поделена коалиција на Туск, со цел создавање десничарско мнозинство во парламентот.
„Можам да ве уверам дека можеби не почнувајќи од утре, но од вторник, ќе започнеме многу енергична работа со цел да му дадеме на полскиот народ уште еден подарок – крај на владата на Туск“,
рече Чарнек.