Се претпоставува дека осомничените биле регрутирани за да ги шпионираат Палестинците кои живеат во Турција, како и израелските активисти кои се противат на нивната влада
Турските власти привеле 33 лица осомничени за шпионирање за Израел, објави турската државна новинска агенција, а пренесува агенцијата Асошиејтед прес.

Властите сè уште трагаат по 13 други лица за кои се верува дека имаат врски со израелската безбедносна служба Мосад.
Осомничените биле приведени во рации во Истанбул и седум други провинции.
Осомничени се за наводно планирање да вршат активности кои вклучуваат гонење, напад и киднапирање на странски државјани кои живеат во Турција.
Се претпоставува дека осомничените биле регрутирани за да ги шпионираат Палестинците кои живеат во Турција, како и израелските активисти кои се противат на нивната влада.
Израелските власти наводно контактирале со осомничените преку социјалните мрежи.
Ова доаѓа неколку недели откако шефот на израелската агенција за домашна безбедност, Шин Бет, во аудио снимка рече дека неговата организација е подготвена да го уништи Хамас на секое место, вклучително и во Либан, Турција и Катар.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го предупреди Израел на сериозни последици доколку продолжи со својата закана дека ќе ги нападне претставниците на Хамас на турска територија.
Турција и Израел ги нормализираа односите во 2022 година, по повеќе годишни тензии, со повторно именување на амбасадори. Но, тие врски брзо се влошија по нападите меѓу Израел и Хамас. Со тоа, Анкара стана еден од најсилните критичари на израелските воени акции во Газа.
Израел првично ги повлече своите дипломати од Турција поради безбедносни причини, а подоцна објави дека ги отповикува своите дипломати од политички причини. Турција го повлече и својот амбасадор од Израел.
Реакцијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на почетокот на нападите меѓу Израел и Хамас беше тивка. Но, потоа турскиот лидер ја засили својата критика кон Израел, опишувајќи ги неговите акции во Газа како геноцид.
Тој побара израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да биде кривично гонет за воени злосторства и го спореди со нацистичкиот лидер Адолф Хитлер.