Еден од оние што се под прогон е независниот новинар Кочер. Тој објавуваше приказни за спасувачите и волонтерите кои дојдоа да помогнат во погодените региони, но објавуваше и стории за преживеани кои велат дека со денови не добиле никаква помош
Ердоган, пак, кога го посети погодениот региони, вети дека ќе ги обнови градовите, но испрати и порака дека кривично ќе одговараат оние што шират „лажни вести“ и „предизвикуваат специјален хаос“. Сега, турските власти го прават прогонот врз основа на контроверзен закон донесен пред неколку месеци со кој се криминализира ширењето дезинформации

Независниот новинар Мир Али Кочер беше на околу 320 километри од епицентарот на разорните земјотреси што ја погодија Турција на 6 февруари годинава. Земајќи ги камерата и микрофонот, тој се упати во погодениот регион за да ги интервјуира преживеаните.
Кочер на Твитер сподели приказни за преживеани и спасувачи, а сега е под истрага на турските власти поради сомнение за ширење „лажни вести“ и се соочува со затворска казна до три години, пишува Би-би-си.
Тој е еден од најмалку четворицата турски новинари што властите ги гонат за известувања или коментари за земјотресот.
Организациите за слобода на медиумите, пак, тврдат дека десетици други биле приведени, малтретирани и спречени да известуваат за земјотресите од кои во Турција и Сирија загинаа најмалку 50 00 луѓе.
Во приказната што ја пренесува Би-би-си за новинарот Кочер се наведува дека тој е Курд и пишува за опозициски медиуми.
Ноќта кога се случи земјотресот бил на својот балкон во градот Дијарбекир кога неговите две кучиња почнале да лаат одеднаш. Истото, се присетува тој, беше и неколку секунди пред помалиот земјотрес што беше регистриран таму во 2020 година.
„Почувствував дека се тресам. Почувствував како се тресе куќата, како се тресе телевизорот“,
вели Кочер.
Се скрил под масата со кучињата, а потоа излегол надвор. Од Дијабекир, град кој беше исто така беше погоден со земјотресот, се упатил кон Газиантеп каде што имаше најмалку 3 000 жртви.
Бил шокиран од сцените што ги видел надвор.
„Кога го држев микрофонот, зад или пред камерата, не можев да ги задржам солзите“,
раскажува новинарот кој вели дека бил трогнат и од напливот на волонтери и спасувачки тимови кои доаѓале.
Нивните приказни тој ги сподели на Твитер, но сподели и приказни за преживеани кои се жалат дека со денови не добивале никаква помош. Слични написи можеа да се прочитаат и во опозициските медиуми.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на критичарите веќе им упати порака. При посетата на погодените региони, Ердоган им рече на луѓето дека ќе им ги обнови градовите, но и предупреди дека оние што шират „лажни вести“ и „предизвикуваат специјален хаос“ ќе бидат кривично гонети. Ги нарече и „провокатори“.
Додека Кочер бил на терен и известувал, „честитка“ од полицијата го пречекала на прагот од неговиот дом. Полицијата во Дијабакир, како што тврди, му оставила белешка дома во која му наложила да ја посети полициската станица и да даде изјава.
Во станица му кажале дека е под истрага според неодамна воведениот закон за дезинформации. Како што тврди новинарот, во распитот бил прашуван за неговото известување и бил обвинет дека ширел лажни информации.
Контроверзниот закон во Турција беше усвоен во октомври лани и со него се криминализира јавното ширење дезинформации и ѝ се даваат на државата широки овластувања да ги контролира информативните портали и социјалните медиуми. Венецијанската комисија, пак, го критикуваше законот бидејќи ќе значи мешање во слободата на изразување.