„Не сакам да изнесувам детали бидејќи таа работа зависи од нив (од Турција н.з.), а не од нас“, изјави денеска министерот за правда кој, одговарајќи на новинарски прашања, дополнително кажа дека во меѓувреме немало друга официјална комуникацијата со турските власти во врска со ова прашање, но додаде оти имало неофицијални контакти
Турските власти на своите македонски колеги им соопштиле рок до кога може да очекуваат Љупчо Палевски-Палчо, првосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, да биде испорачан во земјава. Палевски веќе три и пол месеци се наоѓа во екстрадициски притвор во Турција откако беше уапсен во градот Баликесир по распишана меѓународна потерница од македонските власти. Министерот за правда Кренар Лога, освен што потврди дека добиле некој рок за екстрадицијата, не сакаше да сподели повеќе детали.

„Ни дадоа некој рок. Како и да е, јас не сакам да изнесувам детали бидејќи таа работа зависи од нив (од Турција н.з.), а не од нас“,
рече Лога одговарајќи на новинарски прашања на маргините на конференцијата по повод одбележувањето на 60-годишнината од постоењето на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Тој повтори дека за време на неговата неодамнешна официјална посета на Турција бил информиран дека судскиот дел во врска со екстрадицијата на Палевски е завршен и оти останува само административниот.
Очекува екстрадицијата да се случи во скоро време бидејќи такви уверувања добил од неговиот турски колега Јилмаз Тунч.
„Според нивните правила, мора прво таму да се даде, односно да се добие потпис од нивното Министерство за надворешни работи, па после од министерот за правда. Очекувам дека тоа би било бргу бидејќи такви беа и зборовите од мојот колега од Турција“,
изјави министерот за правда.
Лога рече дека во меѓувреме немало друга официјална комуникацијата со турските власти во врска со ова прашање, но додаде оти имало неофицијални контакти.
„Нема друга официјална комуникација освен тоа што веќе сите работи се затворени, бидејќи сите постапки се завршени на време. Неофицијално сме имале комуникација. И денеска од тука баравме дополнителна информација кога би била испораката оттаму на г. Палевски“,
изјави министерот за правда.

Палевски беше уапсен во близина на турскиот град Баликесир на 5 декември, а два дена подоцна Министерството за правда го испрати барањето со потребната документација за негова екстрадиција во Турција. Лога и тогаш изрази уверување дека првоосомничниот за двете грозоморни убиства за брзо време ќе биде испорачан во земјава. Вакви најави дојдоа и од претседателот на државата Стево Пендаровски, кој на 9 јануари во телевизиско интервју рече дека од разузнавачки и безбедносен аспект нема пречки Палевски да биде екстрадиран и дека она што останува се техничките детали.
Покрај Палевски, за грабнувањата и убиствата на Вања и Панче осомничени се и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се наоѓаат во притвор.
Врховниот суд во средата ја одби жалбата на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, за притворот кој му одреден како осомничен во случајот со грабнувањето на неговата ќерка бидејќи според истрагата на сторителите им кажал за рутината на нејзиното движење.
Во случајот осомничено е уште едно лице, Стефан Димовски, кој се товари за кривичното делот помагање на сторител по извршено кривично дело, бидејќи го возел Палевски од Србија, преку Бугарија до Турција. Нему во вторникот му беше укинат притворот, бидејќи како што образложија од Обвинителството поради видот на кривичното дело и предвидената казна не постои законска можност тој и понатаму да ја издржува оваа мерка за обезбедување присуство.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември.
Според информациите од истрагата што на прес-конференција ги изнесоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на скопското Основно јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, девојчето било грабнато во влезот од зградата во која живеела, а потоа во вреќа за спиење била ставена во гепек на возило и однесена на локација надвор од Скопје, каде што е убиена.
Убиството на велешанецот, пак, се случило пет дена претходно, односно на 22 ноември. Според информациите што беа досега соопштени, тој бил избран од осомничените поради неговиот автомобил, кој потоа бил користен при грабнувањето на Вања.
На 22 декември лани од Основното јавно обвинителство Скопје соопштија дека ги добиле обдукциските наоди од Институтот за судска медицина, за кои рекоа дека нема да бидат објавени во јавност.
