Фотоволтаични електрани во Јамуларци и Скандалци. Така е името на проектот за кој Владата, на денешната седница, донела одлука да добие статус на стратешко инвестициски проект. Важно е и што проектот е на приватно лице, односно фирма – Друштво за производство и промет со електрична енергија од обновливи извори „ПРОМАРК ЕНЕРЏИ ДООЕЛ“ Скопје.
„Фотоволтаични електрани во Јамуларци и Скандалци се со вкупен капацитет од 280 мегевати, а вредноста на инвестицијата изнесува 184 милиони евра“,
соопштија од Владата.
Која е фирмата која ќе инвестира 184 милиони евра во земјава, во владиното соопштение не е наведено. Па, „360 степени“ направи брза проверка на достапните бази на податоци и еве до кои информации дојдовме.
Во земјава, компанијата е регистирана во 20 октомври 2021 година или пред само два месеци. Основачкиот капитал изнесува минимални 5 000 евра.
Газда на фирмата е едно лице, со место на живеење во Република Турција. Тој е воедно и управител на фирмата која треба да вложи 184 милиони евра во фотоволтаици. Неговото име и презиме, според податоците доставени во Централниот регистар, е Мехмет Нежат и живее во Анкара. Меѓу податоците кои ги приложил пред домашните институции е дека станува збор за дипломиран инженер архитект за индустриски дизајн.

Според адресата која ја оставил, единствениот газда и директор на фирмата „Промарк Енерџи“ живее во некоја од станбените згради на сликата погоре.
Сумирано, ниту капиталот на фирмата отворена во земјава ниту местото на живеење на газдата на „Промарк“ во Анкара не оддаваат впечаток дека стратешкиот проект би почнал набрзо и да се реализира. Повеќе детали веројатно ќе се дознаат на вообичаената владина прес-конференција во текот на утрешниот ден.