Ангелов најави дека утре рано наутро двата полициски хеликоптери и едниот армиски ќе бидат подготвени да полетаат за интервенција, а по нив ако има потреба ќе полетаат и авионите на Дирекцијата за заштита и спасување

Противпожарните екипи од повеќе општини во земјава вечерва имаа полни раце работа откако избија два пожари – еден во скопската општина Зелениково кај населбата Орешани, а друг во општината Старо Нагоричане, во близина на селата Бељаковце и Ругинце.
Центарот за управување со кризи прво информираше за пожарот кај Бељаковце, со порака дека тој се шири забрзано и дека за да се изгаси е потребна воздушна поддршка, која ќе мора да се чека до утре наутро бидејќи хеликоптерите не можат да гасат ноќе. Оттаму додадоа дека пожарникари ќе дежураат за да не дозволат да се зафатат куќите.
Во меѓувреме, директорот на оваа институција Стојанче Ангелов, кој се упатил кон Бељаковце, почна да информира за пожарот кај Орешани. Прво рече дека куќите во викенд-населбата се во ризик, но набргу потоа информираше дека пристигнале две возила од противпожарната екипа на Град Скопје и дека најверојатно објектите ќе бидат заштитени. Во последната негова порака тој вели дека пожарот во Орешани е изгаснат и нема штета во населбата.

За разлика од тоа, во Бељаковце почнале да горат првите куќи од селото, кои, како што рече Ангелов, биле напуштени.
„Пожарот кај Бељаковце и исклучително сериозен, значително е проширен. Сувата трева, ниската вегетација и ветрот кој го има прави пожарот да се шири многу брзо и постои можност да се зафатени некои од горните куќи во селото кои се напуштени“,
рече Ангелов.
Пожарникарите од Старо Нагоричане се обидуваат да го сопрат ширењето на огнот. Овој пожар избувнал денеска попладне околу 15:30 часот во атарот на селата Ругинце и Бељаковце. Противпожарните екипи спречиле тој да го загрози селото Ругинце, но не можеле целосно да го стават под контрола без воздушна поддршка.
„Бидејќи веќе е доцна за полетување на воздухопловите дадени се насоки да се побара засилување и во текот на ноќта да се обезбеди селото Бељаковце кон кое се движи еден крак од пожарот“,
додаде Ангелов.
Во текот на ноќта, како што додава Ангелов, во близина на селото Бељаковце ќе бидат упатени пожарникари од Куманово и од Кратово, кои ќе дежураат за пожарот да не стигне до ова село.
Ангелов најави дека утре рано наутро двата полициски хеликоптери и едниот армиски ќе бидат подготвени да полетаат за интервенција, а по нив ако има потреба ќе полетаат и авионите на Дирекцијата за заштита и спасување.