Центарот за управување со кризи (ЦУК) објави детална листа кои населени места од земјата се без електрична енергија

Поради дефекти на електродистрибутивната мрежа повеќе села во околината на Скопје се без електрична енергија, а прекини има и во Битола, Охрид и во Кичево.
Како што информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), според информациите од „ЕВН Македонија“ без електрична енергија се дел од корисниците од Скопје – Аеродром, како и селата од општина Зелениково – Градовци, Тисовица, Добрино, Гумалево, Дејковци. Во Битола без струја е дел од централното градско подрачје, како и селата Долно Оризари, Карамани и Трн, северниот дел од Кичево – „Агрокоп“, Чифлик, 22 Декември , Раштански пат, Горно Пашино, селата од околината на Охрид и Ресен – Волно, Евла, Боримечка, Горно Дупени, Лавци, Прељубје, Покрвеник, Волкодери, Шурлени и Сирхан.
Прекини со електричната енергија, од ЦУК утрово информираа дека имаат и корисниците од кумановските села Деловце, Длабочица, Драгоманце, Жеглане, Малотино, Осиче, Арбанашко, Кокино, Буковјане и во Општина Ѓорче Петров – дел од Новоселски пат, дел од Волково и селата Орман и Никиштани.
Од „ЕВН Македонија“ информираат дека причина за немањето електрична енергија во дел од битолското градско подрачје е дефект во трафостаницата „Битола 3”.
Од „ЕВН Македонија“ информираат дека екипите веднаш излегле на терен, но дека дефектот е комплексен.
„Снабдувањето со електрична енергија се нормализираше уште вчера, а дел од корисниците, за жал, се уште се соочуваат со прекин во снабдувањето бидејќи дефектот е многу комплексен. Екипите се уште работат на санација на овој дефект од посериозни размери“,
соопшти Вјоса Селими, портпарол на „ЕВН Македонија“ во изјава за МИА.
Се очекува во текот на денот снабдувањето со електрична енергија да се нормализира.