За сите овие случаи известени се надлежните институции, односно општините и јавните претпријатија за преземање на натамошни постапки. Во соопштението на ЦУК нема информации за повредени лица
Паднати делови од фасада, дрвја, како и оштетени кровови на куќи и згради се штетите што ги предизвикал силниот ветер што вчера го зафати Скопје, а пријави за штети има и во Струмица, информира утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Покрај паднатиот дел од фасада од зграда на улицата Димитрие Чуповски, во близина на Министерството за правда, за кој од ЦУК известија уште вчера, пријави за штети од силниот ветер преку единствениот број за итни случаи 112 стигнале и за други локации во главниот град.
„Поради силниот ветер што го зафати подрачјето на Град Скопје, во текот на вчерашниот ден до еинствениот број за итни повици 112 добиени се пријави за паднати дрвја на шест локации во градот, како и еден случај на падната канделабра“,
се вели во соопштението на ЦУК.
Во четири од овие случаи, како што додаваат оттаму, има пријави за оштетени автомобили.
„Исто така, има пријави и за оштетена куќа и оштетени кровови од куќа и од зграда“,
наведуваат од Центарот.
За сите овие случаи известени се надлежните институции, односно општините во Скопје и јавните претпријатија за преземање натамошни постапки.
Силниот ветер што вчера ја зафатил и Струмица предизвикал штети и во овој град, каде што според ЦУК имало пријави за паднати лимени кровови на три локации, како и четири случаи на паднати дрвја.

„Во сите случаи интервенирале пожарникарите на Територијалната противпожарна единица Струмица“,
велат од Центарот за управување со кризи.
Во соопштението на ЦУК нема информации за повредени лица.
Инаку, вчера како што информираат оттаму имало и три пожари на отворено, а на бројот 112 регистрирани се вкупно 1 593 повици.