Мечката во која удрило возилото била повредена, на почетокот безмалку неподвижна, а потоа со ограничени движења. Околу еден час подоцна почнала да се движи и постепено се оддалечила од местото на несреќата, се вели во соопштението од ЦУК

Млада мечка вечерва е удрена од автомобил на локалниот пат Тетово – село Непроштено. Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), кога младата мечка го минувала патот со неа биле и дна значително поголема мечка и уште две помали мечки.
„Во возилото кое удрило во мечката се наоѓало локално семејство, татко, мајка и три мали деца. Од ударот сите биле под голем стрес, а децата се здобиле со лесни повреди. Мечката во која удрило возилото била повредена, на почетокот безмалку неподвижна, а потоа со ограничени движења. Околу еден час подоцна почнала да се движи и постепено се оддалечила од местото на несреќата“,
се наведува во соопштението од ЦУК.
По добиената пријава на бројот 112, а кој се однесувал на удрената мечка, додаваат од ЦУК, веднаш било испратено известување до сите потенцијално надлежни институции, МВР, Државен инспекторат за шумарство и ловство, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министетство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Факултет за ветеринарна медицина при УКИМ, Ветеринарен институт, Агенција за храна и ветеринарство, Зоолошка градина Скопје , Националниот парк „Шар Планина“ и Македонско еколошко друштво.
„Екипи на МВР извршија увид и го обезбедија местото на несреќата. Во овој момент големата мечка, најверојатно мајка на мечињата, со двете помали мечиња се наоѓа од десната страна на патот гледано од насока на Тетово кон село Непроштено, додека повредената млада мечка се наоѓа од другата страна на патот“,
додаваат од ЦУК.
Оттаму ги предупредуваат граѓаните да го избегнуват движењето на местото на несреќата, како и непосредната околина или да бидат исклучително внимателни бидејки се очекува мајката да го бара своето младенче.
Од ЦУК велат дека рано наутро ќе патролираат екипи на Националниот парк „Шар Планина“.
„Овој случај отвора многу прашања околу непрецизно дефинираните и испреплетени надлежности на институциите бидејки по несреќата ја разгледувавме можноста повредената млада мечка (или мече) да биде успиена со опојно средство, а потоа преместена и згрижена на соодветно место, како на пример ЗОО Скопје, каде би и се пружила медицинска нега. Притоа до израз дојдоа повеќе формално-правни и функционални недостатоци“,
се наведува во соопштението од ЦУК.
Претходно , на 25 октомври, од ЦУК соопштија дека лице вработено во Национален парк „Шар Планина“ пријавло дека на локалниот пат кон селото Вејце има загинато мече кое најверојатно настрадало во сообраќајна несреќа од непознат сторител.
Во последните месеци имаше неколку случаи во кои мечка е усмртена во сообраќајна несреќа.
На почетокот на октомври, на регионалниот пат Тетово-Јажинце, кај селото Доброште, од Министерството за внатрешни работи информираа дека возило удрило во мечка и ја усмртило. Во сообраќајната несреќа немаше повредени лица, а причинета беше значителна материјална штета на возилото кое удрило во мечката.
На истиот пат Тетово-Јажинце кај селото Доброште и на 14 јули годинава се случи сообраќајна несреќа во која беше прегазена и усмртена мечка. Тогаш во несреќата учествувале две патнички моторни возила, при што беа повредени двајцата возачи. Мечката беше предадена на Национален парк „Шар Планина“.
Во последниот период сè почесто има присуство на мечки во близина на населени места. Жителите на селото Жировница неколку пати имаа директна средба со мечки.
На крајот на септември годинава општина Маврово и Ростуше побара Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на општината поради зголемено присуство на мечки на овие простори и опасноста којашто тие ја имаат по локалното население.
По однос на проблемот во Маврово и Ростуше, Владата им даде рок од три месеци на Министерствата за земјоделство, шумарство и водостопанство и за животна средина да достават можни локации каде би можеле да се дислоцираат мечките. За координација на активностите на институциите, пак, е задолжен директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.