Помошта, вели Ангелов, може да биде во вид на непосредна парична помош или помош со намалување, односно ослободување од даночните обврски, кои се даваат без обврски за враќање

Единиците за локалната самоуправа ги вршат процената и утврдувањето на висината на штетата предизвикана од природни непогоди и други несреќи, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Процената на штета и помош во отстранувањето на последиците од природни непогоди и други несреќи, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, вели дека се врши по единствена Методологија за процена на штети од природни непогоди и други несреќи која ја донесува Владата, на предлог на Министерството за финансии.
„Утврдувањето на висината на штетата започнува веднаш по настанување на непогодата и во рок од 360 дена од престанокот на непогодата потребно е единиците на локална самоуправа да изготват извештај – Елаборат за утврдената штета во согласност со единствената Методологијата за процена на штети од природни непогоди и други несреќи и да го достават до Комисијата за проценка и утврдување на штета од елементарни непогоди што ја формира Владата“,
го објаснува Ангелов начинот на обесштетување на граѓаните кои претрпеле штети од природни непогоди и други несреќи.
Тој додава дека комисијата што ја формира Владата по претходно добиените извештаи изготвува вкупен извештај за штетата и го доставува до Владата најдоцна во рок од 120 дена од доставувањето на извештајот од страна на општините, со што се остварува можноста за обезбедување парична помош од државниот буџет.
Помошта, вели Ангелов, може да биде во вид на непосредна парична помош или помош со намалување, односно ослободување од даночните обврски, кои се даваат без обврски за враќање.
Ангелов вели дека помошта што ја добиваат единиците на локалната самоуправа и другите правни лица може да ја користат исклучиво за намената за која е дадена.
„Центарот за управување со кризи преку свој претставник учествува во работата на Комисија за проценка и утврдување на штетата од елементарни непогоди формирана од Владата. ЦУК во согласност со законските надлежности навремено, целосно и соодветно ги реализираше сите неопходни активности поврзани со горенаведите настани, со цел надминување и справување со опасностите на подрачјето на зафатените општини“,
вели Ангелов.
По невремето кое во текот на вчерашниот ден зафати делови од Скопје и од Тетово, до ЦУК стигнале пријави за поплавени подруми и куќи, паднати дрвја, оштетени автомобили, поплавени подвозници и улици.