Во потрагата по планинарите која се одвивала на непристапен терен од планинскиот регион, учествувале и тетовските пожарникари и полицајци
Два часа траела спасувачката акција за седуммина планинари од Чешка кои попладнево се изгубиле на Шар Планина. Центарот за управување со кризи информира дека еден од планинарите имал скршеница на раката и е пренесен со Брза помош од Тетово.
Повик за помош до Регионалниот центар за управување со кризи во Тетово стигнал во 18:30 часот од чешки планинар во реонот на месноста Лешница.
Во спасувачката мисија која се одвивала на непристапен терен од планинскиот регион, учествувале и тетовските пожарникари и полицајци.
„РЦУК Тетово, заедно со субјектите од Системот за управување со кризи (СУК) коишто во моментот можеле брзо да реагираат, биле во постојана комуникација (со планинарите на англиски јазик) и се координирале за да ги искористат сите можности за да се спасат планинарите заедно со повредениот, пред настапот на ноќта. Активностите се одвивале паралелно од повеќе субјекти. Додека дел од припадниците, конкретно пожарникарите на Територијалната противпожарна единица ТППЕ Тетово и полицајците на СВР Тетотво, кои први – веднаш при првиот контакт, тргнале да ги бараaт планинарите на непристапниот дел од планинскот регион, возилото од Брзата помош од Тетово, со помош на другите субјекти и РЦУК Тетово (по определување на координатите на теренот согласно и според последните јавувања на изгубените планинари) се доближило на можната најблиска точка за средба за да се згрижи повредениот планинар до непристапниот терен, согласно проодноста на планинските патишта. На задоволство на сите ангажирани од РЦУК Тетово и СУК, планинарите се пронајдени, извлечени од планината, а повредениот планинар, со скршеници на раката, е згрижен“,
велат од ЦУК.
Ваквите случки, додаваат од ЦУК, се потсетник дека секоја прошетка во планина има потреба да се сфати сериозно и да се внимава во организацијата и планот за безбедно враќање од страна на организаторите, а ако нешто несакано се случи да се има сериозни капацитети за барање и спасување во планински услови во сите годишни времиња.
„Оваа случка има среќен крај, нема жртви иако во одреден период била многу драматична особено за планинарите со еден повереден колега, но ја покажува сета сестрана сериозност со којашто е потребно општеството да пристапи во системски трајни одговори за вакви и слични кризни ситуции, согласно и современите текови во кризниот менаџмент“,
велат од Центарот за управување со кризи.