Во последното деноноќие, според извештајот на Центарот за управување со кризи, локализирани се два пожари – помеѓу селата Вељуса и Ангелци во Општина Василево и кај селата Горни и Долни Липовиќ во Општина Конче
Од вкупно 28 во последното деноноќие, во земјава во моментов се активни 13 пожари на отворено, информира утринава Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Активни пожари каде што гори нискостеблеста шума и ниска вегетација има кај селата Сирково и Подлест во Општина Росоман, кај велешкото село Калањево, кај селото Слатина во Македонски Брод. Опожарена нискостеблеста шума има и во селото Небрегово во Општина Долнени.
Ниска вегетација и грмушки се опожарени и помеѓу селата Драгоево и Селце, село Пухче и село Пиперово во Штипско, а во село Гајринци во Пробиштип гори нискостеблеста и висока трева.
На територија на Општина Чашка, според ЦУК, има три активни пожари – кај село Подлес (горат нискостеблеста вегетација и деградирана шума), кај селата Јаболчишта и Дреново (гори високостеблеста вегетација) и кај село Габровник – пожар префрлен од пожарот кај Слепче, во кој се зафатени мешана шума и ниска вегетација.
Пожар во кој се зафатени ниска вегетација и шума и кај местото викано Смолево, Битолско.
Активен е и пожарот кај штипско Пепелиште, каде што е зафатена ниска вегетација, а ниска вегетација и шума горат и во пожарот кај местото викано Бегово Поле во Општина Студеничани.
Четири пожари под контрола
Освен за активните, ЦУК информира и за четири пожари кои во моментов се под контрола.
Се работи за пожарите кај село Слепче и Гостиражни во Општина Долнени каде што се зафатени ниска вегетација и дабова шума, кај селото Девич во Македонски Брод во кој гори дабова шума, пожарот кај радовишкото село Штурово каде што е зафатена мешовита шума и пожарот во Делчево каде што гори градска депонија.
Во последното деноноќие, според извештајот на ЦУК, локализирани се два пожари – помеѓу селата Вељуса и Ангелци во Општина Василево и кај селата Горни и Долни Липовиќ во Општина Конче.