Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека најавата на ДУИ дека ќе се трансформира во зелена партија со фокус на екологија и подобрување на животната средина е само евтин пи-ар за претстојните локални избори наесен.
Мицкоски рече дека уште денеска ДУИ е демантирана во намерата, бидејќи од термоелектраната „Осломеј“ во Кичево излегуваат црни чадови што ги загадуваат градот и околните села.
„Тоа што беше кажано од ДУИ за менување на платформата од национална кон зелена агенда е претпоставувам дел од нејзината кампања што ќе ја води на следните локални избори, иако денеска демантот стигна. Тоа е сè убаво напишано на хартија. Еве, ве повикувам да се упатите во Кичево, Осломеј, Зајас и Трапчин Дол и да погледнете каков чад излегува термоцентралата ’Осломеј’. Тоа личи на сè, само не на зелена агенда“,
рече Мицкоски.
Според него, менувањето на платформата на ДУИ е ПР-алатка и слово на хартија.