За точно еден месец откако беше потврден првиот случај на заразен со новиот коронавирус во Црна Гора, здравствените власти во оваа земја регистрирале 303 случаи на ковид-19, и пет починати, соопшти синоќа црногорскиот Институт за јавно здравје, со оценка дека ваквите резултати се добри.
„Добрите резултати беа потпомогнати од тоа што властите воведоа ригорозни мерки уште пред да се случи првиот случај“,
изјави Сенад Бегиќ, водечки епидемиолог во црногорскиот Институт за јавно здравје, за Би-Би-Си на српски јазик.
Според него, црногорскиот начин на борба со вирусот е специфичен поради малиот број население и културните особености.
„Црногорците сакаат многу да слават и да жалат – ние идентификувавме најмалку три или четири погреби кои биле епидемиолошки клучни настани за ширење на заразата кога мерките се уште не биле воведени“,
изјави Бегиќ за Би-би-си.
Тој додаде дека погребите и семејните собири се главните начини на ширење на заразата во Црна Гора, истакнувајќи дека токму поради тоа, црногорските епидемиолози на почетокот на епидемијата се соочиле со осуда поради мерките.