Црна Гора ги финализира протоолите според кои ќе биде олеснет, но и победзбеден туризмот оваа година. Во пресрет на летната сезона, црногорската Влада одлучи дека секој странски турист што евентуално ќе се зарази со коронавирус ќе се лекува на сметка на буџетот на Црна Гора.
Црногорскиот министер за економски развој, Јаков Милатовиќ, рече дека здравствените протоколи следната недела ќе бидат дистрибуирани до туристичкиот сектор и амбасадите и ќе бидат на англиски и руски јазик.
Министерката за здравство на Црна Гора, Јелена Боровиниќ Бојовиќ, рече дека се обиделе да го поедностават протоколот и оти на туристите ќе им биде објаснето како да се однесуваат ако почувствуваат симптоми на ковид-19 или се заразат со ковид-19, пренесува „Вијести“.
ПЦР-тестирањето доколку им е потребно на туристите при враќање во нивната земја, ќе се врши непречено на два начини – едниот ќе биде организиран со помош на Институтот за јавно здравје на Црна Гора и ќе се изведува бесплатно, а туристите ќе можат да прават тестови и во приватни лаборатории.
Црна Гора неодамна, за граѓаните од регионов го укина и условот за приложување на негативен ПЦР-тест при влез во земјата.