Како една од причините за поднесувањето на иницијативата за гласање недоверба на владата на Дритан Абазовиќ, црногорските опозициски партии ја наведуваат причината за ставањето на односите со Српската православна црква (СПЦ) во преден план, што, како што додаваат, довело до непоправлива загуба на време потребно за квалитетно исполнување на обврските од европската агенда
Оваа иницијатива на партиите од опозицискиот блок доаѓа откако црногорскиот премиер Абазовиќ денеска го потпиша Темелниот договор заедно со патријархот на СПЦ, Порфириј
Триесет и шест пратеници од пет опозициски партии во Црна Гора предводени од Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ денеска до црногорското собрание поднесоа иницијатива за гласање недоверба за владата на Дритан Абазовиќ, по потпишувањето на Темелниот договор со Српската православна црква (СПЦ).
Покрај пратеници од ДПС, кон предлогот се приклучија и Социјалдемократската партија (СДП), Либералната партија (ЛП), Социјалдемократите (СД) и Демократскиот сојуз на Албанците (ДУА).
Како причина за поднесување предлог за недоверба на Владата, тие во заедничкото соопштение го наведуваат отсуството на резултатите на Владата во однос на спроведувањето на оние приоритети кои беа утврдени при нејзиниот избор, „а кои се однесуваат на реформата на правосудниот систем, зајакнување на системот на владеење на правото, интензивирање на процесот на европска интеграција, консолидација на економската политика во земјата и реорганизација на здравствениот систем во услови на тековната пандемија на коронавирус“.
„Понатаму, со игнорантското однесување на премиерот Дритан Абазовиќ кон ставовите на најзначајните научни институции во земјата, како и кон истакнати експерти и граѓански организации, и со ставање на односите со Српската православна црква во преден план, при што неговото неодговорно однесување доведе до пораст на тензиите во општеството и до непоправлива загуба на време потребно за исполнување на обврските од европската агенда, оваа Влада го загуби својот легитимитет“,
се наведува во соопштението на пратениците, јавува „Данас“.
Се додава дека на крајот од образложението на предлогот е заклучено дека поради сето наведено, а со цел заштита на виталните државни интереси на Црна Гора и зачувување на шансата земјата да тргне по патот на евроинтеграциите, било потребно да се поднесе иницијатива за гласање недоверба на 43-ата Влада на Црна Гора.
Црногорското Собрание има 80 пратеници, и за изгласување недоверба на владата на Абазовиќ потребни се вкупно 41 глас. Тоа значи дека потписниците на Иницијативата ќе треба да бараат поддршка од уште најмалку пет пратеници, за таа да биде прифатена.
Дритан Абазовиќ е на чело на првата малцинска влада во Црна Гора од април оваа година.