Бројката ќе биде катастрофална и очекуваме денеска да го собориме неславниот рекорд, најави претходно премиерката Брнабиќ
Во Србија во последните 24 часа се регистрирани нови 18 006 граѓани заразени со коронавирус, а починаа 26 лица. Тестирани се вкупно 39 740 луѓе, или речиси половина од нив се позитивни. Вчера беа регистрирани 12 797 позитивни и 27 смртни случаи.
Претходно денеска, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, најави дека денешниот број на новозаразени ќе биде најголем досега забележан во Србија.
„Бројката ќе биде катастрофална и очекуваме денеска да го собориме неславниот рекорд“,
рече Брнабиќ и додаде дека е добро што „клиничките слики се поблаги“.
Заразените со коронавирус што се лекуваат дома се обврзани да бидат во изолација седум дена, а не 14 како што беше досега. Оваа измена, која е објавена во Службен весник, вчера ја усвои Владата на Србија. По седум дена, пациентот со ковид-19 се јавува на лекар во клиниката за ковид и изолацијата се прекинува без тестирање, па пациентот може да се врати на работа
Седумте дена изолација важат и за вработените во здравствените и социјалните установи, со тоа што седмиот ден прават ПЦР-тест. Во случај да е негативен – се враќаат на работа. Ако се сепак позитивни – остануваат дома до десеттиот ден и се враќаат на работа без тестирање.
Моментално има повеќе од 2 000 пациенти со ковид во болниците низ Србија. Таа бројка е неспоредливо помала од претходните бранови кога беа хоспитализирани повеќе од 9 000 пациенти. Видот омикрон очигледно има полесна клиничка слика, но и делта-сојот не е целосно искоренет. Сепак, сè уште има оние пациенти кај кои ковид доведува до поголеми компликации, па затоа е неопходен болнички надзор.
Експертот за вакцини и имунизација д-р Драгослав Поповиќ и вирологот Миланко Шеклер сметаат дека не е време за опуштање.
„Оние што ги гледаме деновиве можеби изгледаат како слика за тоа како може да изгледа крајот на пандемијата, но има многу непознати и не смееме да се опуштиме“,
вели Поповиќ.
Шеклер, пак, истакнува: „Мора да престанеме да бидеме фасцинирани од бројот на новозаразени луѓе“.