Коментирајќи ја одлуката на ЦИК за пребројување на гласачките ливчиња, лидерот на СНСД Милорад Додик изјави дека нема да прифати повторени избори
Амбасадите на САД и Велика Британија, Делегацијата на ЕУ и ОБСЕ ја поздравија вчерашната одлука на Централната изборна комисија да ги истражи веродостојните извештаи за изборни нерегуларности во трката за претседател на Република Српска
Врз основа на наредба на Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина, в четврток, во 15:30 часот во Главниот пребројувачки центар во Сараево на сите редовни избирачки места ќе започне отворањето на вреќите и контролното пребројување на гласачките ливчиња за ниво на претседател и потпретседател на Република Српска, соопштија од ЦИК, пренесува Српска инфо.
Акредитирани набљудувачи на политичките партии, пред кои се овластени кандидатите за претседател и потпретседател на Република Српска и независните кандидати, кандидати кои се појавуваат на гласачкото ливче, како и акредитирани набљудувачи за следење на Главниот центар за броење може да присуствуваат броењето.
„Доколку покажат интерес трите јавни РТВ сервиси во БиХ (РТРС, РТВ БиХ и РТВФ БиХ), можат во живо да го пренесуваат отворањето на вреќите и контролното пребројување на гласачките ливчиња за ниво на претседател и потпретседател на Република Српска“,
се нагласува во соопштението на ЦИК.
Истото ќе им биде овозможено и на другите заинтересирани медиуми во Босна и Херцеговина, додадоа од ЦИК.
На итна седница на Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина вчера беше донесена одлука за пребројување на ливчињата за претседател на РС поради неправилности и математички нелогичности.
Опозицијата во РС со денови бара да се повтори пребројувањето на гласовите и стои на ставот дека нивната кандидатка за претседател на РС, Јелена Тривиќ, е победничката на изборите.
Претседателот на СНСД и кандидат за претседател на Република Српска, Милорад Додик, им порача на опозициските партии: „Кој губи има право да се лути“.
Според него, сè се одвивало мирно на изборите. Коментирајќи ги протестите на опозицијата поради наводни кражби на изборите, рече дека е убеден оти тоа е создавање атмосфера која воопшто не постои.
Коментирајќи ја одлуката на ЦИК за пребројување на гласачките ливчиња, лидерот на СНСД Милорад Додик изјави дека нема да прифати повторени избори.
„Ова е рушење на Република Српска“,
изјави Додик.
На прес-конференцијата по седницата на Извршниот комитет на СНСД, тој рече дека општите избори биле легитимни и легални и дека се што се случува сега е манипулација која преку незаконски одлуки треба да произведе одредена поинаква држава.
Тој тврди дека има очигледна поврзаност меѓу членови на ЦИК и претставници на опозицијата.
„Република Српска мора да разбере дека ова е последната точка во борбата за нејзината стабилност“,
рече Додик, пренесува РТРС.
Амбасадите на САД и Велика Британија, Делегацијата на ЕУ и ОБСЕ ја поздравија вчерашната одлука на Централната изборна комисија да ги истражи веродостојните извештаи за изборни нерегуларности во трката за претседател на Република Српска и брзо да спроведе целосно пребројување на гласовите, пренесе Дневни Аваз.
„Со ова ЦИК ја исполнува својата одговорност кон граѓаните на Босна и Херцеговина. Слободните и фер избори се темел на секоја демократија. Изборната измама е директен напад врз темелите на демократското општество. Целосно ја поддржуваме ЦИК и нивните овластувања да ги преземат сите дополнителни мерки за одговорност за да се обезбеди интегритет и транспарентност на изборите. Ги повикуваме сите страни да го почитуваат правниот процес додека ЦИК го заврши пребројувањето на гласовите“
соопштија од Амбасадата на САД на Твитер.
?? ?? ?? and the OSCE Mission to BiH welcome @Izbori_ba decision yesterday to investigate credible reports of electoral irregularities in the Republika Srpska Presidency race and to swiftly conduct a full recount. ?(1/3)@JulianReillyUK @eubih @OSCEBiH
— US Embassy Sarajevo (@USEmbassySJJ) October 11, 2022