Опозициската кандидатка за претседател на Република Српска, Јелена Тривиќ ноќта по затворањето на избирачките места на 2 октомври, прогласи победа, но тоа истовремено го направи и лидерот на СНСД и кандидат на владејачката коалиција Милорад Додик. Тривиќ и опозициските партии што ја поддржуваат, тврдат дека гласовите се украдени токму во текот на изборната ноќ во градовите Приједор, Зворник и Добој
Не дозволуваме да ги украдат изборите, порачаа лидерите на опозициските партии во Република Српска на протестот што се одржа денеска попладне, јавува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Улиците во центарот на Бања Лука биле блокирани поради протестот на кој повеќе илјади симпатизери и членови на опозицијата барале повторно пребројување на гласовите во овој ентитет на Босна и Херцеговина. Протестите поминале мирно и без инциденти.

„Не сум ограбена јас, ограбен е народот на Република Српска. Тоа нема да им го потврдам , никогаш нема да потврдам кражба, особено на волјата на народот. Ние овде го браниме уставниот поредок на Република Српска“,
порачала Јелена Тривиќ, кандидатка на опозицијата за претседател на Република Српска.
Тривиќ ноќта по затворањето на избирачките места на 2 октомври, прогласи победа, но тоа истовремено го направи и лидерот на СНСД и кандидат на владејачката коалиција Милорад Додик. Тривиќ и опозициските партии што ја поддржуваат, тврдат дека гласовите се украдени токму во текот на изборната ноќ во градовите Приједор, Зворник и Добој.
„Сакаме да ги отвориме тие фамозни вреќи и да ја откриеме правата вистина“,
порачал Бранислав Бореновиќ, лидер на Партијата за Демократски Прогрес (ПДП), кој тврди дека на протестите учествувале повеќе од 30 илјади луѓе.
Од друга страна, од полициската управа на Бања Лука соопштиле дека на „јавниот собир“, според нивните проценки имало 2 500 лица.
Милан Радовиќ, заменик-претседател на Српската Демократска Партија изјавил дека на протестите се „брани волјата на народот и гласовите“.
„Ако и понатаму терате инает Бања Лука ќе биде полна со луѓе, па ќе покажеме кој ги добил изборите“,
порачал Радовиќ.
Граѓаните кои присуствувале на вечерашниот протест извикувале „Миле крадецу“, алудирајќи на Милорад Додик, лидерот на Сојузот на Независни Социјалдемократи (СНСД) како виновник за наводната кражба на изборните гласови.
„Сакаме фер избори“, „Нема да ти помине“, „Бандо црвена“, „Јелена Тривиќ претседателка на РС“, биле дел од транспарентите што демонстрантите ги носеле на протестот.

Како што пренесува Радио Слободна Европа, на влезот во Бања Лука полицијата ги запирала автобусите со приврзаници на опозицијата кои оделе на протестот.
Претставниците на опозициските партии бараат повторно броење, а потоа и повторување на изборите, особено за претседател на Република Српска.
Опозициските лидери на протестите најавиле дека ќе ја продолжат борбата со нови протести, и преку правни средства.
Според последните податоци на Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина, Додик во трката за претседател на Република Српска освоил 281 000 гласа, додека Јелена Тривиќ, кандидатката на опозициската Партија за демократски прогрес, СДС и Листата за правда и ред на Небојша Вукановиќ, освоила околу 252 000 гласа или околу 30 000 гласови помалку.
Опозициските партии вчера на изборната комисија на Босна и Херцеговина и предодоа барање за повторно пребројување на гласовите. Како пример тие го посочуваат и тоа што Тривиќ не добила ниту еден глас во селото каде што живее нејзиното семејство.

Тривиќ претходно изјави дека на голем број од избирачките места владеела „воена состојба“, дека во нив „влегувале насилници“ и дека „членовите на избирачките одбори морале да бегаат“.
Додик пак изјавил дека коалицијата на чело со неговата СНСД победила бидејќи водела исправна политика и дека нема ништо против повторно да се пребројат гласовите во согласност со законот, но дека поништувањето на гласањето и повторување на изборите е „нереално барање“
Во текот на изборниот ден, на 2 октомври коалицијата од невладини организации „Под лупа“, која ги следела изборите, забележала 83 потешки изборни нерегуларности ширум Босна и Херцеговина.
Најголем дел од нив се однесуваат на процесот на гласање, помош при гласање, семејно гласање, помагање при гласање без потребна документација и притисок врз бирачите.