Откако САД и ЕУ најавија дека е можно воведување забрана за увоз на руски гас и нафта, утрово светските берзи се постојано во пораст. Цената на гасот достигна историски максимум, додека нафтата е највисоко ниво во последните 10 години
Соединетите Држави и европските партнери размислуваат да воведат забрана за увоз на руска нафта, изјави во неделата американскиот државен секретар Антони Блинкен. И покрај тоа што се нагласува важноста на стабилноста на глобалното снабдување со нафта, цените на барелот дополнително нагло пораснаа утрово откако скокнаа за повеќе од 20 отсто минатата недела и го достигнаа своето највисоко ниво во повеќе од 10 години.
На лондонскиот пазар цената на барелот утринава порасна за повеќе од 8,5 отсто, на 128,30 долари, а во еден момент достигна и 130 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 7,7 отсто на 124,60 долари.
Исто така, европските фјучерси на гас достигнаа историски максимум од 3 600 долари за 1 000 кубни метри и пораснаа за повеќе од 50 отсто, според податоците од лондонската берза ИЦЕ. Претходно, цените на фјучерсите на гасот во Европа скокнаа за 30 отсто достигнувајќи максимални 2 400 долари за 1 000 кубни метри на 4 март.
Ваквиот раст на цените на енергентите може да предизвика стагфлација во глобалната економија, период на бавен економски раст и висока невработеност, придружена со силна инфлација.
Имено, скокот на цените на енергијата ќе дејствува како дополнителен данок за потрошувачите, велат аналитичарите, а тоа може да ја намали потрошувачката на домаќинствата и да му наштети на растот на светската економија, пренесува Н1.