Ковачевски порача дека во овој период на тешка економска криза домашните капацитети за производство на основни прехранбени производи меѓу кои и маслото за јадење, се ставени во полн капацитет, а мерките кои што беа донесени од Владата имаат за цел да се избегнат ценовните шокови и да се заштитат граѓаните
Цената на маслото за јадење е намалена за 40 денари, а цената на репроматеријалите мируваат, истакна генералниот извршен директор на „Витаминка“, Сашо Наумоски при денешната посета на премиерот Димитар Ковачевски на фабриката „Брилијант“ во Штип, која е дел од групацијата на „Витаминка“.
„Цената е падната за скоро 40 денари и ние се трудиме и понатака да ја намалиме и да ја донесеме, ако е можно, до цените од пред три години што беа. Цената најмногу зависи на нашиот производ од суровината“,
вели Наумоски.
Ковачевски порача дека во овој период на тешка економска криза домашните капацитети за производство на основни прехранбени производи меѓу кои и маслото за јадење, се ставени во полн капацитет, а мерките кои што беа донесени од Владата имаат за цел да се избегнат ценовните шокови и да се заштитат граѓаните.
„Токму во таа насока Владата изминатиот период донесе одлуки за повластена тарифа на електрична енергија пониска од берзанската, со што влијаеме на намалувањето на цените на основните прехранбени производи“,
рече Ковачевски.
Тој нагласи дека согласно податоците, кои ги објавија деновиве, вкупно 518 субјекти, од кои 235 производствени капацитети на основни прехранбени производи се пријавија за снабдување со електрична енергија со пониски цени преку „ЕСМ Продажба“ и тие ќе бидат снабдувани со струја по цена од 85 евра за мегават час, која треба да влијае на намалување на цените на основните прехранбени производи.
Премиерот истакна дека на 1 декември ќе се видат и првичните резултати на пазарот од мерката за поевтина струја и според сите параметри се очекува намалување на цената на производите за најмалку 10 отсто.
„Исто така, би напоменал дека за компаниите од прехранбениот сектор најважно е да имаат домашна суровина, затоа ставаме силен фокус на зголемување на примарното земјоделско производство. Конкретно во случајот на домашното производство на сончоглед. Обезбедивме и продолжуваме да обезбедуваме во иднина навремена исплата на субвенциите и други мерки за зголемување на површините за производство на земјоделски производи. И оваа година пред почетокот на новата сеидбена сезона за сончогледот ги исплативме субвенциите, за да можат земјоделците навреме да сеат, за да имаат пари за производствените трошоци. Платежната агенција исплати над 450 милиони денари субвенции за полјоделски култури меѓу кои и за сончогледот и маслодајната репка на над 24 000 земјоделци“,
додаде Ковачевски.