Додека цените продолжуваат да растат, главната оперативна команда на иранските вооружени сили што ги координира воените операции на редовната армија и Револуционерната гарда им порача на САД да се подготват дека цената на нафтата може да достигне и 200 долари за барел
Цената на нафтата во текот на ноќта повторно се искачи над 100 долари за барел, три дена откако го достигнаа четиригодишниот максимум, пренесува Си-ен-ен, додавајќи дека конфликтот меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Израел со Иран продолжува да влијание врз глобалните залихи на гориво.
Скокот на цената се случи и покрај тоа што земјите членки на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) едногласно се согласија да пуштат рекордни 400 милиони барели нафта на глобалниот пазар.
Суровата нафта „брент“, глобалната референтна цена за нафта, вчеравечер се движеше околу 100 долари за барел, што е зголемување од 8,7 отсто. Во меѓувреме, американската референтна цена за нафта, исто така скокна за 8,7 отсто на 94,8 долари.
Ормускиот Теснец, низ кој минува околу една петтина од светските танкери за нафта и гас, е затворен откако започна конфликтот на 28 февруари.
Арамко, државната нафтена компанија на Саудиска Арабија, предупреди на катастрофални последици за светските пазари на нафта ако теснецот остане блокиран и во иднина.
Неколку товарни бродови се погодени во и околу Ормускиот Теснец, една од најважните артерии во глобалната трговија.
Во меѓувреме, Ирак ги запре сите операции во своите нафтени пристаништа по нападите врз два танкери за нафта. Бахреин им кажа на жителите да останат дома по иранскиот напад врз резервоарите за гориво во покраината Мухарак.
Оман ги премести сите бродови од главниот терминал за извоз на нафта во Мина Ал Фахал – едно од ретките преостанати пристаништа од кои може да се испорачува сурова нафта од Блискиот Исток до светот.
Додека цените продолжуваат да растат, главната оперативна команда на иранските вооружени сили што ги координира воените операции на редовната армија и Револуционерната гарда им порача на САД да се подготват дека цената на нафтата може да достигне и 200 долари за барел.
„Цената на нафтата зависи од регионалната безбедност, која вие ја дестабилизиравте“,
рече портпаролот на командата, Ебрахим Золфагари.
Соединетите Американски Држави објавија дека ќе ослободат 172 милиони барели од своите стратешки резерви на нафта, а министерот за енергетика Крис Рајт изјави дека испораките би можеле да започнат следната недела и да траат околу 120 дена.
Анализите што ги пренесуваат светските медиуми одат дотаму дека сериозни прекини низ Ормускиот Теснец би можеле да доведат до уште поостри скокови на цените, односно да достигнат над 130 до 150 долари за барел.