Голем број ученици, дури и цели класови во училиштата се пожалиле дека немаат никаков дигитален уред за да учествуваат во онлајн-наставата, информира министерот за образование Арбер Адеми, но смета дека бројките не се реални.
„Ние сме побарале информации од училиштата за тоа колку деца немаат ИТ-уред, но за жал тие бројки не се баш реални според наше мислење како институција, бидејќи се пријавиле цели класови дека немаат ИТ-уред, паметен телефон, таблет, лаптоп итн. Така што, со потенцијалните донатори кои минатата недела распределија ИТ-уреди, разговаравме во соработка со градоначалниците да се распределат околу 3 000 таблети за социјално загрозените семејства. Со ова се ублажува бројот на тие деца што не би имале ИТ-уред со што би се овозможило следење на наставата, односно далечинско учење“, изјави Адеми.
Адеми на денешната прес-конференција посочи дека се обезбедува и бесплатен интернет за социјално загрозените семејства, кои имаат деца со статус на ученици.
Според министерот, нема училиште каде што на некаков начин не се организира интернет-настава. Со донесените уредби со законска сила, посочи дека онлајн-наставата стана формална, а со тоа се избегнало оваа учебна година да се повторува од септември.