По борбата на пожарникарите од Кавадарци и тим на „Национални шуми“ што траела цела ноќ, вториот пожар кај кавадаречкото село Брушино е локализиран денеска наутро во 04:00 часот
Регионалнниот центар за управување со кризи – Велес информира дека и вториот пожар кај село Брушани, Општина Кавадарци, реонот на кој вчера попладнето пожарникарите интервенираа во два наврати, е локализиран рано утрото во 04:00 часот откако цела ноќ гаснеле пожарникарите од ТППЕ Кавадарци и тимот на подружницата „Бор“ на ЈП „Национални шуми“.
„Известено е дека во моментот нема потреба од ангажирање хеликоптери, иако во текот на гасењето била во опција и барањето за ангажирање воздухоплови заради сериозноста на пожарот и заради непристапниот терен“,
велат од ЦУК.
Првата пријава дека има шумски пожар кај Брушани била добиена вчера попладне во 17:30 часот. Гореле нискостеблеста шума и сува трева на површина од 4 хектари. Во гаснењето на пожарот интервенирале шест пожарникари со две противпожарни возила од ТППЕ Кавадарци, како и четири лица со едно теренско возило од ЈП „Национални шуми“ подружница „Бор“ од Кавадарци. Пожарот на таа локација е изгаснат доцна ппопладнето во 19:00 часот. Но…
„Но, потоа, во 21:30 часот, добиена е дојава дека повторно кај с. Брушино, само на различно место од претходното и најверојатно е препален пожарот покрај Тиквешкото Езеро, Општина Кавадарци. Пожарот се простирал на непристапен терен и горела смрека“,
велат од ЦУК.