На прашањето дали има сугестии да се издиференцираат двата народа, бугарскиот и македонскиот, и да се разликуваат по идентитет и јазик или нема такви предлози, Цаца-Николовска посочи дека конфликтот во историјата треба да го решаваат историчарите, а работната група третира кои делови од народ живеат на територијата на Македонија и какви права може да имаат
Никакво редефинирање на Уставот и државата не е мандат на работната група која работи на подготовка за уставни измени. Нашиот мандат е точно определен со низата документи и заклучоци на Владата, Собранието и Министерството за правда. Тоа што одредени личности сакаат да прикажат нешто поинаку, не е вистина и не знам од каде ги вадат тие информации, изјави претседателката на работната група Маргарита Цаца-Николовска во интервју за „Утрински печат“.
„Тие велат дека имаат луѓе однатре кои им доставуваат вакви информации. Ние во самата работна друга сме се договориле. Јас ги повикувам тие ако постојат, ако лиферуваат одредени информации, барем да лиферуваат вистински информации, да кажат што ние досега сме работеле. Македонскиот идентитет преку јазик, преку постоење на народ е многу децидно наведен во апсолутно сите меѓународни и национални документи и да се прави само некоја збрка во целото ова опкружување не е во ред, не поради навредите што јас ги добивам, тие навреди нека им служат на чест на оние што ги прават, меѓутоа народот треба да биде правилно информиран и не треба да биде манипулиран“,
нагласи Цаца-Николовска.
Во моментов, додаде таа, работната група работи точно на она што треба да се смени во Уставот, односно каде да се прошири Преамбулата со други народи.
„Имајќи предвид дека и самите уставотворци од самиот почеток при формулирање на Преамбулата и при формулирање одредени членови на нормативните делови од Уставот во делот на дијаспората и во делот на Комитетот на заедници отвориле врата, оставиле отворена врата со зборот ‘и други’ и тука може да се вметнат и другите народи за коишто сега имаме и барања и обврска и тие народи да ги внесеме во Уставот како што на самиот почеток сме внеле одреден број на народи“,
рече Цаца-Николовска.
Таа нагласи дека промените во Уставот ќе бидат направени преку амандмани зашто техниката на промена во Уставот е преку нив, а што тие ќе содржат е друго прашање.
„И таа преамбула апсолутно се менува неколку пати и сега фактички во преамбулата ништо не се менува од она што значи вредности, коишто значи сите делови од народ и македонскиот народ треба да ги има во предвид и треба да ги почитува. Секој од тие делови од преамбулата нешто значи – и право и обврска, како на граѓаните така и на државата, односно на институциите на државата доколку овие елементи коишто се наведени не се третираат или не се извршуваат на начин којшто е во согласност не само со меѓународната регулатива, туку и со нашата домашна регулатива“,
рече претседателката на работната група.
На прашањето дали има сугестии да се издиференцираат двата народи бугарскиот и македонскиот и да се разликуваат по идентитет и јазик или нема такви предлози, Цаца-Николовска посочи дека конфликтот во историјата треба да го решаваат историчарите, а работната група третира кои делови од народ живеат на територијата на Македонија и какви права може да имаат.
„Ние сме се декларирарале како држава којашто е мултикултурна и мултиетничка, како држава која на сите им ги овозможува правата и слободите и како држава којашто е против дискриминацијата. Во сите овие контексти ако ги ставиме на една страна едните, а на друга страна другите народи секој треба да се праша со што овие народи коишто живеат во Македонија треба да бидат различни од другите народи. Не зборувам за однесувањето на дел од бугарската власт во однос на македонското прашање и во однос на идентитетот. Тие очигледно имаат повеќе чекори кон негирањето. Меѓутоа прашањето е што овие луѓе кои живеат на територијата на Македонија и имаат македонско државјанство треба да ги сносат консеквенциите на некои политичари од Бугарија“,
нагласи Цаца-Николовска.
Имајќи предвид дека некои експерти ја одбиле поканата за учество во работната група бидејќи Бугарите никогаш не биле дел од преамбулата и од корените на историското наследство и формирањето на македонската држава, на прашањето дали со нивното вметнување ќе се промени историскиот контекст кој пак е основа на негирањето на македонскиот идентитет и народ, Цаца-Николовска одговори:
„Дали вие имате доказ дека овој дел од народот, бугарскиот народ овој овдека, го негира македонскиот идентитет и јазик. Ќе ве вратам наназад, што станува со балистите, што станува со дел од народите од турското население во време кога се бореле во Крушевската република, што станува со дел од Македонците, дали кај тие граѓани немало одредено однесување со кое негирале или работеле против формирање на оваа држава? Кога се отвори тоа прашање? За три илјади души се отвора тоа прашање. Што е опасноста од влез на Бугарите, Црногорците, Хрватите и т.н? Во самата Преамбула се зборува за оние вредности кои што се дел од македонската државата но и дел од стандардите на една глобална демократија и глобално признавање на слободата на граѓаните“.