Според министерката, досега немало ваков пристап во подобрување на образовниот систем и се правеле корекции само на делчиња од образованието
Во период од пет години би имале стабилен образовен систем, оценува минисерката за образование Мила Царовска, посочувајќи дека новата концепција за основно образование се воведува етапно и сукцесивно.
„Влегуваме со прво одделение и сега дискутираме за шестото одделение. Секоја следна година тоа што сме го научиле од првата ќе го подобриме во втората, па во третата и веруваме дека во период од пет години ќе имаме стабилен образовен систем. Со интегрирањето на предметите и по природни и по општествени науки, но и со нивно изучување преку меѓусебно поврзани теми, создаваме атмосфера на учење и во исто време го движите ученикот низ осознавање на светот “,
рече Царовска, во разговор за „А1он“.
Министерката посочи дека досега немало ваков пристап во подобрување на образовниот систем и дека се правеле корекции на делчиња од образованието.
„Професорите и самите кажуваат дека сега за првпат ја гледат целата слика. Одиме во едно или во две одделенија, за да можеме да постигнеме квалитет. Кога ќе речеме дека за пет или шест години ја затвораме рамката, тогаш ќе имаме еден стабилен образовен систем“,
објасни Царовска.
И интензивните обуки на наставниците пред стартот, додаде, ќе бидат фокусирани за одделенијата каде што влегува концепцијата.
„И за првпат оваа концепција е проследена со кариерен развој на наставниците. За прв пат во наредната година тие ќе можат да бидат назначени за наставници ментори, тие најдобрите да се издвојат од настава и да може да се грижат имеплементацијата на оваа концепција да оди во квалитетна насока“,
рече Царовска.
