За првпат по 2005 година, во културата се донесе нов колективен договор, со што се овозможија значително подобри услови за работа на културните работници.Но, во следниов период треба да се вложува уште повеќе во културата за да може да се реализира квалитетна програма, смета носителката на првата Изборна единица од СДСМ и коалицијата „Можеме“, Мила Царовска.
Таа денеска на средба со претставници од независната културна сцена рече во наредниот период преку квалитетна програма од областа на културата ќе се промовираат новите, европските вредности, современоста, слободата и демократијата, и нема да се враќаат неколку века назад.
„За да можеме да имаме добри услови за културните работници, за да може тие креативно да се изразуваат, мора и да вложиме финансиски средства за плати, достоинствени за нивната професија. Токму затоа, минатата година се направи покачување, нивелирање на платите во културата, со што 90% од вработените добија покачување на платите, кое просечно изнесува 13,9%. Уште поважно од покачувањето на платите е тоа што за првпат се воведе исплата на еднаква сума за еднакво извршена работа со еднаква сложеност, тоа е големо достигнување“,
рече Царовска.
Таа на средбата спомена дека и во условите на пандемијата им помогнале на припадниците на независна културна сцена, естрадни уметници и филмски уметници со поддршка од владата преку ковид-мерките, односно со субвенционирање на минимална плата од 14.500 денари.