Во 75-78 проценти онлајн-наставата се одвива без проблеми, а во останатите дваесетина проценти проблемите се во пристапот до интернет и недостигот на ИТ-опрема, вели министерката за образование и наука Мила Царовска.
Според неа, проблемите се надминуваат тековно.
„Ова е тежок процес во кој одиме сите заедно и со бојкот нема да постигнеме ништо. Тоа е неконструктивен начин на покажување незадоволство кое во суштина е поради промените. Мора да се навикнеме на пандемијата, не станува збор за желби“,
рече Царовска по заедничкото обраќање со премиерот Зоран Заев по повод Светскиот ден на наставниците.
Според Царовска, во мал број училишта има бојкот. Во Дебар, како што рече, е надмината состојбата и учениците се навикнуваат на промената. Соопшти дека 98 проценти од учениците од прво до трето одделение следат настава со физичко присуство, а само 1,5 до 2 отсто онлајн, по избор на родителите.
За повисоките одделенија, во над 620 училишта, централни и подрачни, е одобрено настава со физичко присуство, најголем број се во рурални средини и во ридско-планински подрачја.
Владината комисија преразгледувала и одобрила нови барања за настава со физичко присуство, особено во ридско-планински подрачја.
„Синоќа прифативме нов извештај, во кој нови десетици подрачни основни училишта се одобрени за физичка настава. Паралелно со тоа, благодарни сме ѝ на МРТ за обезбедување настава, како и на директори, наставници и градоначалници кои дистрибуираат електронски и печатени материјали до децата. Секојдневно работиме за непречено и комплетно функционирање на онлајн-наставата на територијата на целата држава“,
рече премиерот Заев одговарајќи на новинарски прашања.