Новата концепција за основното образование ќе се имплементира постепено во период од 6 години, а за успешно спроведување на целиот процес МОН и Бирото за развој на образование се обврзуваат дека ќе направат максимални напори наставниците да ја поминат потребната обука.

Ова го посочила министерката за образование и наука Мила Царовска на денешната средба со академици од Одделението за општествени науки на Македонската академија на науките и уметности (МАНУ).
Главни теми во дискусијата, за кои МОН наведува дека се и најмногубројни меѓу пристигнатите забелешки, се динамиката со која ќе се спроведуваат реформите, како и претстојните обуки на наставниците.

„Го имаме најтранспарентниот процес досега. Од големо значење е и мислењето на академиците кои доаѓаат токму од Одделението за општествени науки за предвидената интеграција на предмети за поефикасно учење кое треба да ги подобри резултатите. Добивме многу конструктивни коментари, особено од наставници од пракса во изминатиот период, но и од други засегнати страни кои ќе бидат земени предвид“,
рече Царовска.
Како што информира МОН, министерката посочи дека досегашните резултати од меѓународните и домашните тестирања покажуваат функционална неписменост кај ученици.

„Сите меѓународни и домашни извештаи и анализи упатуваат дека се потребни реформи со кои нашиот образован модел ќе се приспособи на оној во земјите со современи образовни системи. Тоа укажува дека ни се нужни неодложни реформи во основното образование, ако навистина се грижиме за идните генерации и сакаме да фатиме чекор со современиот свет. На нашите деца им треба квалитетно образование кое ќе ги донесе до врвот“,
посочи Царовска на средбата.
Откако ќе биде донесена, планот е концепцијата да се имплементира постепено почнувајќи во прво и четврто одделение од идната учебна година.

„За успешно спроведување на целиот процес, МОН и Бирото за развој на образование се обврзуваат дека реформата ќе ја дочекаат подготвени и ќе се направи максимум наставниците да ја поминат потребната обука“,
соопшти Министерство за образование и наука.
Министерката најави дека и во наредниот период со различни групи засегнати страни ќе продолжат консултациите за концепцијата за основно образование, која е дел од Стратегијата на МОН за периодот 2018-2025 година, предвидена е со Законот за основно образование и е дел од владината програма.
„Во нејзината изработка беа вклучени универзитетски професори, наставници, а земени се предвид и ставовите на родителите и учениците“,
додава МОН во соопштението.