Сексуално образование како пилот-фаза се случува во четири училишта, а кампот кој предизвика лавина реакции во јавноста никако не е поврзан со образовниот систем, тврдат надлежните
Извидничкиот камп никако не е поврзан ниту со Министерството за образование и наука (МОН), ниту со Бирото за развој на образованието, ниту следел програми кои се пилот-фаза од Бирото за развој на образование, изјави денеска министерката за образование Мила Царовска.
На прашање како овој случај ќе влијае на процесот на сексуално образование и дали можеби ќе се појави недоверба кај родителите, министерката посочи дека од него се оградија и ХЕРА и Фондација „Отворено општество“ и Градот Скопје, што, како што рече, укажува на тоа дека никако тоа не е поврзано со сексуално образование.
„Сексуално образование како пилот-фаза се случува во четири училишта. Таму искуствата на Бирото за развој на образование со 14-те наставници коишто го спроведуваат засега е одлично, дава позитивен фидбек од страна на учениците, родителите и наставниците и очекуваме кога ќе заврши целата таа пилот-фаза, во тек е истражувањето за тоа какви се постигнувањата, ќе бидат јавно достапни постигнувањата и понатаму ќе се одлучува што со тој предмет“,
изјави Царовска.
Министерката дополни и дека е важно што во содржините на сексуално образование имаме недискриминација, почитување, родова рамноправност, или еднакви улоги на мажите и жените, можност и очекувања од момчињата и девојчињата во училиштето, ненасилство што, според неа, укажува дека сексуалното образование е превенција од сите типови насилство што може да им се случат на учениците, но, исто така, и ученици коишто од незнаење може да предизвикаат трауми и насилство врз други ученици и нивните пријатели.
„Сето тоа е во програмата којашто е пилот за сексуално образование и никако не е поврзана со извидничкиот камп или методите и техниките коишто ги користеле. Затоа, велам, ако е нешто во формален систем, ако е поминато низ Бирото за развој на образование тогаш ги содржи компонентите препорачани од УНЕСКО, од СЗО, од УНИЦЕФ, кои се значајни за развојот на нашето образование сите тие препораки навистина треба да се спроведат на соодветен начин и од страна на наставници коишто се обучени за истото“,
рече Царовска.
За извидничкиот камп, кој неодамна се случил во близина на Скопје, реагираа родители затоа што нивните малолетни деца биле вклучени во непримерни активности.
За случајот прв пишуваше „Слободен печат“, во чија редакција се обратил родител и сведочел дека неговата малолетна ќерка доживеала шок и трауми на извидничкиот камп организиран изминатиот викенд во близина на Скопје, насловен како „Есенски бакнежи и прегратки, секс скаутс и рокенрол“. Според сведоштвата на неговата ќерка за кои тој зборува во аудиоснимка објавена на „Слободен печат“, на кампот имало непримерни активности во кои малолетници, меѓу другото, „симулирале секс-пози до манастир“ под превез на сексуална едукација.