Јавното обвинителство дало насоки за расчистување на предметот по пријава од родител дека малолетници биле вклучени во непримерни активности
Организаторите на извидничкиот камп во близина на Скопје се повикани на разговор во полициска станица откако родител пријавил во МВР дека малолетни деца биле вклучени во непримерни активности.
Од МВР го известиле јавното обвинителство од каде што, пак, дале насоки за расчистување на предметот.
Од МВР за МИА потврдиле дека извршиле разговор со родителот и оти за случајот е известен јавен обвинител и од Министерството постапуваат по насоки дадени од обвинителството.
Упатени извори во случајот за МИА потврдиле дека и лица што се инволвирани во активностите на извидничкиот камп, по насока на обвинителството се повикани на разговор во полиција.
За случајот пишуваше „Слободен печат“, во чија редакција се обратил родител и сведочел дека неговата малолетна ќерка доживеала шок и трауми на извидничкиот камп организиран изминатиот викенд во близина на Скопје, насловен како „Есенски бакнежи и прегратки, секс скаутс и рокенрол“. Според сведоштвата на неговата ќерка за кои тој зборува во аудиоснимка објавена на „Слободен печат“, на кампот имало непримерни активности во кои малолетници, меѓу другото, „симулирале секс-пози до манастир“ под превез на сексуална едукација.