Во рамки на кампањата „Стоп за корупцијата“ на граничните премини ќе се делат брошури со кои ќе се информира за начините за пријавување корупција, како и за штетните последици што ги предизвикува

„Не замижувај, и ти можеш да ја спречиш корупцијата – биди дел од прогресот на твојата држава“. Ова е мотото на кампањата „Стоп за корупцијата“ што ја почна Царинската управа за зголемување на свеста за опасностите кои ги носи корупцијата. Целта е граѓаните или вработените кои ќе бидат сведоци на корупција или сомнителна активност, тоа да го пријават.
Во рамки на кампањата на граничните премини ќе се делат брошури со кои ќе се информира за начините за пријавување корупција, како и за штетните последици што ги предизвикува.
„Пријави на 197, отворена линија на Царинската управа. Корупцијата е двонасочна – и давање и примање мито е криминал. Поткопување на националната безбедност, даночни загуби и намалување на странските директни инвестиции се меѓу штетните последици што ги предизвикува корупцијата“,
стои во брошурата за кампањата.
Од Царинската управа информираат дека кампањата ќе се спроведува во внатрешните испостави низ државата и на граничните премини „Богородица“, „Ново Село“, „Дојран“, „Табановце“, „Делчево“, „Блаце“, „Аеродром“ – Скопје и „Ќафасан“.