Запленетите производи се на граничните премини „Табановце“ и „Блаце“, како и на Меѓународниот аеродром „Скопје“
Златни монети, лекови, фотоапарати се дел од заплената на царинските инспектори изминатата недела.
Покрај ова, царинарниците на граничните премини заплениле и делови за мобилни телефони, автоделови и опрема за боречки вештини.
На граничниот премин „Табановце“, при контрола на автомобил, царинските службеници пронашле пет златни монети што биле скриени во чанта на сопатничката која била државјанка на Украина. По откривањето на монетите, за нивни сопственик се пријавил друг патник од автомобилот кој бил германски државјанин. Проценетата вредност на петте златни монети, како што информираат од Царинската управа, е околу половина милион денари.
Царинските службеници на меѓународниот аеродром „Скопје“ спречиле шверц на 1 200 таблети „плакенил“ што се употребуваат за третман на лица со автоимуни болести. Таблетите биле пронајдени во куфер на државјанка на Босна и Херцеговина, која патувала со лет од Истанбул.
Во автомобил што бил управуван од македонски државјанин, царинарниците на „Табановце“ пронашле професионални фотоапарати и опрема за фотографирање.
На граничниот премин „Блаце“ во автомобил со косовски регистарски таблички во просторот за резервна гума биле откриени мобилни телефони и 74 делови за мобилни телефони со вкупна вредност од 204 илјади денари.
На „Табановце“, при проверка со мобилен скенер, биле најдени четири турбо компресори за патнички и товарни возила што биле скриени во надворешна преграда на влекач на товарно возило кое било со српски регистарски таблички.
Исто така, од Царинската управа информираат дека при контрола на камион Службата за мобилен скенер открила 13 камиони за карате и 47 пара боксерски ракавици. Делото е откриено на царински терминал на граничен премин „Табановце“, каде при скенирање на камионот со македонски регистарски таблички се утврдени неправилности по што е извршена контрола на возилото.