Царинската управа ја информира јавноста дека прилогот објавен на Телма во врска со неодамна запленетите обврзници, содржи непроверени информации и истите сакаме да ги демантираме. Станува збор за обврзници со доспеан, а не со истечен рок, како што е наведено во прилогот. Обврзниците имаат датум на доспевање, што значи дека истите може да се ефектуираат по истекот на тој датум
Обврзниците кои ги заплени Царинската управа се со доспеан, а не со истечен рок, реагираат од Царина по објавата во медиумите дека запленетите обврзници кај турски државјанин на скопскиот аеродром не вредат 92 милиони долари бидејќи се со истечен рок и нивниот сопственик е починат.
„Царинската управа ја информира јавноста дека прилогот објавен на Телма во врска со неодамна запленетите обврзници, содржи непроверени информации и истите сакаме да ги демантираме. Станува збор за обврзници со доспеан, а не со истечен рок како што е наведено во прилогот. Обврзниците имаат датум на доспевање, што значи дека истите може да се ефектуираат по истекот на тој датум. Дополнително сакаме да ја информираме јавноста дека патникот кај кого се пронајдени обврзниците пред судот ја призна вината, по што е донесена пресуда од страна на судот со која обврзниците се одземени. Во исказот пред судот патникот изјавил дека имал намера да ги ефектуира обврзниците во странска земја“,
се наведува во соопштението на Царинската управа.
Оттаму апелираат до медиумите и до јавноста да се држат до точни и проверени информации, „затоа што сите шпекулации може да ѝ наштетат на понатамошната истрага“.
„Финансиската истрага продолжува во соработка со сите релевантни тела и институции на национално и меѓународно ниво, со цел докажување на евентуален обид за измама или спречување на перење на пари. Истрагата ќе покаже која е реалната вредност на обврзниците и која е крајната намена на истите. Согласно Законот за Царинска управа една од надлежностите на Царинската управа е и вршење на контрола на физички преносливи средства за плаќање – обврзници преку царинската линија на Република Северна Македонија“,
нагласуваат од Царинската управа.
Како што објави Телма, запленетите обврзници се корпоративни на компанија регистрирана во една од омилените офшор дестинации – Бахамите, а нивниот сопственик починал уште во 2015 година. Тие не котираат на ниту една берза и се безвредни.
По ова, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ од каде што истакнаа дека „обврзниците за кои Богоев правеше пиар имаат вредност на тоалетна хартија“.
„Хартиите од вредност како акции, обврзници, записи се дематеријализирани, односно се во електронска форма. А тоа кај нас е сторено уште во 2001 година со формирањето на Централниот депозитар, така што сите видови на хартии од вредност сите се во електронска форма. Ова само покажува аматеризам и неспособност од страна на Богоев. Му порачуваме на Богоев наместо да држи прес-конференции со кои се фали дека открил некаков криминал, енергијата да ја насочи кон работење бидејќи е платен од народни пари“,
соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што завчера информира директорот на Царинската управа, Стефан Богоев, на прес-конференција, Царината запленила 184 обврзници со вкупна вредност од 92 милиони американски долари, кои биле пронајдени кај турски државјанин кој пристигнал во земјава со лет од Истанбул, Турција.
Обврзниците, како што беше соопштено, се наоѓале во црна рачна торба, а биле откриени при контрола со скенер и дополнителна детална контрола.
Со одлука на Основниот суд Скопје обврзниците се одземени и ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот.