Во врска со ваквите обвинувања денеска реагираа од Апелацискиот суд, посочувајќи дека досегашното постапување од судечкиот совет во врска со случајот ТНТ е согласно одредбите од Законот за кривична постапка
Случајот ТНТ се однесува на рушењето на станбено-деловниот комплекс „Космос“. Според првостепената пресуда на Кривичниот суд, инвеститорот на „Космос“, односно Цаноски, треба да добие отштета од речиси 11 милиони евра поради уривањето на комплексот
Сопственикот на компанијата „ФИНЕ Скопје“ и бизнисмен Фијат Цаноски денеска на прес-конференција обвини за судски преседан во Апелацискиот суд. Тој тврди дека се подготвува застареност на предметот ТНТ кој се однесува на рушењето на станбено-деловниот комплекс „Космос“.
Според првостепената пресуда на Кривичниот суд, инвеститорот на „Космос“, односно Цаноски, треба да добие отштета од речиси 11 милиони евра поради уривањето на комплексот.
„Судијата известител и претседател на советот Ѓоко Ристов наместо да постапи согласно одредите од Законот за кривична постапка (ЗКП) за предметот и да закаже интерен термин за советување и гласање по предметот, тој закажува нова јавна седница за 06.11.2023 година, сè со една единствена цел, знаејќи дека ако таа се одржи, тогаш советот ќе мора да донесе само една единствена одлука – да констатира застареност за кривично гонење спрема обвинетите и ‘ФИНЕ’ засекогаш да остане без својата отштета од 11 милиони евра“,
изјави Фијат Цаноски на денешната прес-конференција.

Свесни сме, рече тој, дека станува збор за организиран криминал со цел да застари предметот.
Доколку Судот констатира застареност на ТНТ, Цаноски најави дека тој и неговата компанија ќе се обратат до сите надлежни институции и амбасади, но и дека ќе поднесат кривични пријави против сите оние за кои се сомневаат оти ја злоупотребиле својата сужбена должност во судскиот процес.
„Што и да се случи утре на новозакажаната јавна седница за ‘ТНТ’, ‘ФИНЕ Скопје’ нема да престане да ја бара правдата пред сите домашни и странски институции“,
рече Цаноски.
Во врска со ваквите обвинувања денеска реагираа од Апелацискиот суд, посочувајќи дека досегашното постапување од судечкиот совет во врска со случајот ТНТ е согласно одредбите од Законот за кривична постапка.
Апелација во писменото соопштение информира дека во ноември 2022 година преку системот АКМИС предметот бил распореден кај судијата известител Енвер Беџети. Во декември истата година судијата Ѓоко Ристов е распореден да претседава со совет од петмина судии, согласно Годишниот распоред за работа на судските совети за 2023 година што го донела тогашната в.д. претседателка на Судот, Лидија Дамчевска.
Во јануари 2023 година посочуваат дека е направена измена и дополнување на распоредот, со што судијата Енвер Беџети е прераспределен да постапува по прекршочни предмети, а сите предмети кои останале како незавршени од негова страна, меѓу кои и предметот ТНТ, биле автоматски прераспределени.
„Наредбата е спроведена на ден 01.02.2023 година, кога по пат на автоматска прераспределба предметот е доделен во работа на судијата Ѓоко Ристов, кој веќе претседава совет од петмина судии“,
посочуваат од Апелацискиот суд.
Дополнително посочуваат дека по исполнување на условите за старосна пензија, Лидија Дамчевска е разрешена од функцијата в.д. директор на Апелацискиот суд, а на нејзино место е назначена Мери Дика Георгиевска која, пак, досега нема преземено никакви дејствија во насока на прераспределба на конкретниот предмет.