Американскиот претседател Доналд Трамп претходно потпиша извршна наредба за воведување царини од 25 отсто за целата стока од Канада и Мексико почнувајќи од вторник, освен за канадските енергетски производи, кои ќе подлежат на царина од 10 отсто
Канадскиот премиер Џастин Трудо синоќа изјави дека Канада ќе воведе царина од 25 отсто за американската стока во вредност од 155 милијарди канадски долари (106,5 милијарди американски долари) како одговор на американските царини.
„Царините за 30 милијарди канадски долари ќе стапат во сила во вторник, додека преостанатите 125 милијарди канадски долари ќе бидат воведени во рок од 21 ден“,
рече Трудо на прес-конференција.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно потпиша извршна наредба за воведување царини од 25 отсто за целата стока од Канада и Мексико почнувајќи од вторник, освен за канадските енергетски производи, кои ќе подлежат на царина од 10 отсто.
Трудо предупреди дека царините ќе им наштетат на САД, долгогодишен сојузник. Тој ги повика Канаѓаните да купуваат канадски производи и да летуваат во својата татковина наместо во САД.
Тој додаде дека се разгледуваат и некои нетарифни мерки, вклучително и оние што се однесуваат на клучните минерали, набавките на енергија и други партнерства.
Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот изјави дека ништо нема да го спречи да воведе царини од 25 отсто на сите производи од Канада и Мексико додавајќи дека стоката од Кина ќе има 10 отсто повеќе царини отколку што се во моментов.
Трамп претходно изјави дека размислува да направи исклучок за увозот на нафта од Канада и Мексико. Според Управата за енергетски информации, САД во октомври лани увезувале речиси 4,6 милиони барели нафта дневно од Канада и 563 000 барели од Мексико. Во меѓувреме, домашното производство на САД во тој месец во просек изнесувало 13,5 милиони барели дневно.
Трамп претходно изјави дека царината од 10 отсто за увоз од Кина ќе биде додадена на постоечките давачки за кинески производи.