Обвинувањата на Трудо, како што пренесува „Би-би-си“, доаѓаат откако локални медиуми објавија дека канадските разузнавачи идентификувале „тајна мрежа“ на кандидати поддржани од Пекинг на неодамнешните избори
Канадскиот премиер Џастин Трудо ја обвини Кина дека се обидува да ги таргетира канадските институции и дека игра „агресивни игри“ со демократиите.
Обвинувањата на Трудо, како што пренесува „Би-би-си“, доаѓаат откако локални медиуми објавија дека канадските разузнавачи идентификувале „тајна мрежа“ на кандидати поддржани од Пекинг на неодамнешните избори.
Најмалку 11 кандидати беа поддржани од Кина на федералните избори во 2019 година, наводно го брифирале официјални лица канадскиот премиер.
Цитирајќи неименувани претставници на разузнавачките служби, локалниот радиодифузер „Глобал њуз“ објави дека Пекинг насочил средства за кандидатите и дека кинеските оперативци дејствувале како советници за кампањата на многу кандидати.
Во еден случај, финансирањето од 250 000 канадски долари (160 000 фунти) беше насочено преку канцеларијата на пратеник од провинцијата со седиште во Онтарио.
Операцијата која наводно била насочена од кинескиот конзулат во Торонто, исто така, се обидела да постави оперативци во канцелариите на пратениците како обид да се влијае на политиката, наведува медиумот
Покрај тоа, како што се тврди биле направени напори да се „кооптираат и корумпираат“ поранешните канадски функционери во обид да се добие влијание во политичките кругови.
Се верува дека обидитре за мешање биле насочени кон двете големи политички партии – Либералната партија на Трудо и опозициската Конзервативна партија. Сепак, не е јасно дали операцијата била успешна.
Кинеските власти во Канада не одговориле на прашањата на „Глобал њуз“ за наводите.
„Презедовме значајни мерки за зајакнување на интегритетот на нашите изборни процеси и нашите системи и ќе продолжиме да инвестираме во борбата против мешањето во изборите, против странското мешање на нашите демократии и институции. За жал, гледаме дека земјите, државните актери од целиот свет, без разлика дали се работи за Кина или други, продолжуваат да играат агресивни игри со нашите институции, со нашите демократии“,
им рече вчера Трудо на новинарите, пренесува „Би-би-си“.
Извештаите доаѓаат откако властите рекоа дека ги истражуваат обвинувањата дека Кина отворила неофицијални „полициски“ станици на канадска територија.
Минатиот месец, Кралската канадска коњичка полиција соопшти дека ги истражува извештаите за „криминална активност во врска со таканаречените `полициски` станици“, кои исто така се пријавени во голем број европски земји.
Неколку земји на ЕУ, вклучително и Ирска и Холандија, веќе и наредија на Кина да ги затвори овие т.н. „полициските пунктови“, кои, наводно, биле искористени за притисок врз противниците на владата во Пекинг да се вратат во Кина и да се соочат со кривични пријави.
Холандските медиуми пронајдоа докази дека таканаречените прекуокеански сервисни пунктови, под превезот дека даваат дипломатски услуги, се користат за да се замолчат кинеските дисиденти во Европа.