Статистика ги објави и индексите на цените на мало за април кои на месечно ниво се повисоки за 3,2 отсто, а на годишно за пет проценти

Индексот на трошоците на живот во април годинава бележи зголемување од 5,7 отсто во однос на истиот месец претходната година. Индексот на цените на мало, пак, е зголемен за пет отсто, покажува најновиот извештај на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во април, во однос на март, изнесува 1,3 отсто.
На годишно ниво најмногу поскапеле алкохолните пијалаци и тутунот – 10,2 отсто, а по нив се храната и безалкохолните пијалаци, чија цена е повисока за осум проценти.

Според податоците од ДЗС, на месечно ниво повисоки цени има во речиси сите сектори.
Најголем пораст во април, пак, во однос на претходниот месец е забележан во секторот транспорт, каде што има зголемување од 10,1 отсто.
Секторот рекреација, спорт и култура со месечно зголемување од 1,4 отсто, како и алкохолните пијалаци и тутунот кои биле поскапи за 1,2 проценти исто така имаат влијание врз инфлацијата.
Трошоците за живот во групата храна и безалкохолни пијалаци за еден месец се зголемиле за 0,7 проценти.
Зголемување на цените има и кај облеката и обувките, кои се поголеми за 0,6 отсто, а за исто толкав процент повисоки биле цените и за лична нега, социјална заштита и разновидни стоки и услуги и за информации и комуникации.
Статистика ги објави и индексите на цените на мало за април, кои на месечно ниво се повисоки за 3,2 отсто, а на годишно за пет проценти.
Во поглед на производи најголемо зголемување има кај земјоделските, кои за еден месец се повисоки за 2,3 отсто, а потоа се непрехранбените индустриски производи и тутун кои пораснале за 1,8 проценти.
Цените на прехранбените производи во април биле повисоки за 0,8 проценти во однос на претходниот месец.

