Според податоците на ДЗС, индексот на трошоците за живот во земјава во 2021 година има пораст од 3,2 отсто, во споредба со 2020 година
За храна и пијалаци, според пресметките на ССМ, во декември минатата година биле потребни минимум 15 091 денар, за режиски трошоци 10 930 денари, минималните трошоци за превоз изнесувале 2 633 денари, а за хигиена 2 397 денари
Индексите на трошоците за живот и на цените на мало лани биле највисоки во последните седум години, односно од 2014 година.
Во споредба со 2020 година, индексите на трошоците за живот во земјава во 2021 година имале пораст од 3,2 отсто, додека индексите на цените на мало биле зголемени за 4,3 проценти, објавува Државниот завод за статистика.

Индексите на трошоците за живот лани во декември биле поголеми за 0,4 отсто во однос на ноември, а индексите на цените на мало за 0,9 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика. Според пресметка на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) трошоците од ноември до декември на едно семејство се зголемени за 150 денари.
Според Државниот завод за статистика, најголем пораст на индексот на трошоци лани во однос на 2020 година е забележан во групата транспорт и тоа за 9,9 отсто. Во групата на угостителство, пак, која вклучува ресторани и хотели, трошоците се пораснати за 5,9 отсто во 2021 година во однос на претходната.
Порастот на трошоците на алкохолните пијалаци, тутунот и наркотиците е зголемен за 3,8 проценти, а на храната и безалкохолните пијалаци за 3,1 отсто. За храна и пијалаци, според пресметките на ССМ, во декември биле потребни минимум 15 091 денар, а за режиски трошоци 10 930 денари. За превоз, минималните трошоци изнесувале 2 633 денари, а за хигиена 2 397 денари.
Според податоците од Државниот закон за статистика, во 2021 година за 2,9 отсто се зголемени трошоците за здравје во однос на 2020 година, додека трошоците за домување, вода, електрика, гас и други горива се зголемени за 2,7 отсто. За 2,7 отсто се зголемени и трошоците за култура и рекреација.
Трошоците за мебел и покуќнина имаат нешто помал пораст, за еден отсто, додека најмал пораст или пораст од 0,2 отсто е забележан кај облеката и обувките.
Намалување на трошоците, пак, е забележано во групата комуникации за 0,5 проценти.
Трошоците за образованието се непроменети и се на исто ниво како претходната година.