На прашањето дали може да се случат уставни измени со одложено дејство, Трошановски вели дека тие нам не ни помагаат да добиеме објективност и предвидливост на процесот и додава оти предвидливост треба да бараме во европски стандарди, примена на Договорот за добрососедство со Бугарија, особено работата на историската комисија која, како што рече, „сега е оставена да лебди, работи без методологија и по волја на бугарската страна, во еден асиметричен однос“

Уставни измени како услов за отпочнување на преговорите со ЕУ поддржуваат 20 проценти од испитаниците во анкетата што од октомври до декември 2024 ја спровеле Институтот за демократија „Социетас цивилис“-Скопје (ИДСЦС) во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“-Скопје за анализа на перцепцијата на јавноста во однос на европската интеграција.
„Останатите се доста поделени помеѓу: статус кво, повлекување од процесот и промена на Преговарачката рамка. Интересно е да се забележи дека граѓаните не го перципираат толку процесот како задоволување на условите од соседите, туку повеќе гледаат на некоја реформирачка и демократска вредност на процесот, значи процесот повеќе го гледаат како усогласување со стандардите и законите на Европската Унија“,
изјави Анамарија Велиновска истражувач во Центар за европски интеграции при ИДСЦС пред презентацијата на наодите од истражувањето.
Според Марко Трошановски, претседател на ИДСЦС, „постои голем отпор за уставните измени како услов за отпочнување на преговорите“ и смета дека државава треба да заземе проактивен пристап во процесот.
„Треба да знаеме и дека противење кон нив по секоја цена и повторување на неправдата која нам ни е нанесена, исто така, не може да ни донесе многу добро, особено во овој суров геополитички момент каде што секој ги гледа своите интереси“,
рече Трошановски пред презентацијата на наодите од анкетата за перцепцијата на јавноста во однос на европската интеграција.
Давајќи, како што рече, политички коментар за овие наоди, тој додаде „мора да работиме посветено на изнаоѓање решенија“ и „од Европската Унија да бараме модалитети коишто ќе ни гарантираат пообјективен и попредвидлив процес на преговарање“.
„Без притоа да бараме промени на Преговарачката рамка или да инсистираме дека нема во иднина да бидеме условувани, меѓутоа да бараме што поголема кредибилност на процесот, и тоа е патот кон којшто треба да се движиме како држава. Значи, треба да се заземе еден проактивен пристап“,
рече Трошановски.
На прашањето дали може да се случат уставни измени со одложено дејство, одговори дека тие нам не ни помагаат да добиеме објективност и предвидливост на процесот.
Она што е клучно според Институтот, како што рече Трошановски, е дека предвидливост треба да бараме во европски стандарди, примена на Договорот за добрососедство со Бугарија, особено работата на историската комисија која, како што рече, „сега е оставена да лебди, работи без методологија и по волја на бугарската страна, во еден асиметричен однос“.
„Ако процесот е сега европски и ако цела ЕУ стои зад него, тој треба да биде воден по европски стандарди и тоа е она на што треба да се фокусираме и да го бараме како држава, првенствено. И секундарно, но не помалку важно, е исто така во делот на патоказот за владеење на правото односно оној план за заштита на малцинските права којшто постојано ќе биде дел од преговорите со ЕУ, да го исчистиме од евентуално злонамерни интервенции кои ќе тврдат дека Македонија има говор на омраза или системска дискриминација врз основа на некои небулозни критериуми, како што на пример беше делот со говор на омраза во приватен простор кој стои во Договорот со Бугарија, којшто е надвор од сите стандарди и дефиниции за говор за омраза“,
додаде претседателот на ИДСЦС.
Нагласи дека „треба да се фокусираме што е можно повеќе да го заштитиме и објективизираме процесот“ бидејќи, рече, тоа е интерес и на Европската Унија.
„Бидејќи без ваков заштитен процес, билатералните проблеми, не само помеѓу Македонија и Бугарија, туку и помеѓу сите останати претенденти, членки кандидатки што се во нашиот кош и другите сегашни земји членки, сите билатерални проблеми ќе излезат на површина и повторно ќе го изблокираат проширувањето кое, гледаме сега, повеќе од кога било е многу важен момент и нужност на новата реалност за Европа, особено, а и во светски геополитички контекст, исто така“,
рече Трошановски.
Резултатите од последното истражување, односно анкетата на Институтот за демократија „Социетас цивилис“-Скопје (ИДСЦС), спроведено во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“-Скопје покажуваат дека на ниво од 62 проценти останува поддршката кај граѓаните на земјава за пристапување кон Европската Унија (ЕУ), додека пак перцепцијата за влијанието на Соединетите Американски Држави (САД) бележи значителен пад од 20 отсто, во споредба со лани.
Според истражувањето, за 33 отсто од испитаните граѓани, ЕУ останува најпосакуваниот партнер, а за 40 проценти, Унијата е најголемиот донатор. По ЕУ, следуваат САД, кои за 22 отсто од граѓаните се најголемиот посакуван економски партнер и донатор (17 отсто).