Првиот човек на српското МВР, Ивица Дачиќ, нагласи дека во моментот на уривање на натстрешницата на Железничката станица под неа биле 17 луѓе, од кои само тројца преживеале, но оти нивната состојба и натаму е многу сериозна. Се работи за две девојки и едно момче на возраст од 18 до 25 години
Тројцата повредени во несреќата во Нови Сад сè уште се во критична состојба, изјави утринава за РТС министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.
Нагласи дека во моментот на уривање на натстрешницата на Железничката станица под неа биле 17 луѓе, од кои само тројца преживеале, но оти нивната состојба и натаму е многу сериозна. РТС јавува дека се работи за две девојки и едно момче на возраст од 18 до 25 години.
„На еден од нив, момче родено 2006 година, му беа ампутирани нозете до глуждовите, на девојка родена 2000 или 2001 година ѝ беа ампутирани нозете, а на втората девојка ѝ е ампутирана раката во Ургентниот центар“,
вели Дачиќ во изјавата за РТС.
Српскиот министер за внатрешни работи додаде дека во врска со несреќата досега се сослушани 26 лица, меѓу кои петмина вработени во Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура заедно со ресорниот министер Горан Весиќ. Засега нема приведени, зашто, како што додаде Дачиќ, само се прибираат информации.
Додаде дека по наредба на обвинителството денеска ќе бидат сослушани уште пет лица.
Во несреќата во Нови Сад загинаа 14 луѓе, меѓу кои и 45-годишен македонски државјанин. Меѓу загинатите се и четири малолетни лица. Најмладата жртва имала 6 години. Загинаа и тројца 20-годишници.