Овие, според актуелниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, два случаи поткрепени со цврсти докази потврдуваат дека системот и институциите се целосно разурнати. Тој го повика Јавното обвинителство да истражи која била целта и зошто се дозволило овие два правни субјекти да добијат огромна сума државни пари
Од денеска повеќе ништо нема да биде исто, изјави на почетокот на денешната прес-конференција министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, на која изнесе обвинувања кон ексминистерот Љупчо Николовски дека додека бил на чело ова Министерство овозможил две фирми незаконски да добијат државни субвенции од илјадници евра.

Со ова, како што кажа Трипуновски, започнуваат со објавување на сите сомнителни случаи и афери на претходното раководство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и Николовски, како тогашен министер.
„Народот денеска ќе има можност да слушне што се случувало во Министерството во изминатите седум години и како одредени правни лица надвор од сите процедури и прописи земале државни пари“,
рече актуелниот министер за земјоделство кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој кажа дека ќе бидат поднесени пријави до надлежните институции во врска со овие случаи и го повика Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага.
Трипуновски на денешната прес-конференција ги наведе фирмите „Арекспорт’ ДООЕЛ увоз-извоз од Струмица, на која незаконски ѝ биле исплатени 30 милиони денари и „ДЗС Илинден“ која спротивно на законот добила субвенции во износ од 19 милиони денари.
Актуелниот министер, аргументирајќи ги ваквите негови тврдења, во детали говореше за договорите што овие две фирми ги имале со МЗШВ и други надлежни институции поврзани со исплатата на субвенции. Притоа тој покажа и документи, како поткрепа на неговите тврдења, меѓу кои и извештаи од Државниот инспекторат за земјоделство.
За фирмата „Арекспрот“ од Струмица, Трипуновски кажа дека таа со Министерството за земјоделство од 2019 до 2022 година имала склучено вкупно 19 договори за закуп на државно земјиште со вкупна површина од 1 416 хектари. Врз основа на повеќе од половината од нив, фирмата од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој остварила приход од 485 000 денари.
„По извршениот увид од Државниот инспекторат за земјоделство е констатирано дека за 11 договори за површина од 941 хектар не се почитувале одредбите од договорот од страна на закупецот и требало да бидат раскинати. Притоа врз основа на овие договори закупецот од Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој остварил приход од 485 000 илјади евра. Пред мене ги имам решенијата за исплата од Агенцијата за финансиска поддршка каде што се докажува исплатата на овие субвенции“,
рече министерот.
Дополнително, инспекторите, како што посочи Трипуновски, констатирале дека закупецот, односно фирмата, немала платено закупнина за 2022 и 2023 година со што дополнително била направена штета на буџетот во износ од 60 000 евра.
„За да биде појасно на јавноста, правниот субјект ‘Арекспорт’ од Струмица користел по договор земјоделско земјиште, не плаќал закупнина за истото, не го обработувал, а спротивно на законот користел субвенции од страна на државата со што го оштетил директно буџетот на Република Македонија. Токму поради тоа што МЗШВ во претходните години не реагирало за ваквите кршења на процедурите се поставува прашањето дали свесно се дозволило ова правно лице да го оштети буџетот на Република Македонија за повеќе од два милиони евра“,
изјави министерот за земјоделство.
Во врска со вториот случај, односно фирмата „ДСЗ Илиден“, министерот наведе дека МЗШВ со неа имало склучено договор за закуп на 1 604 хектари земјиште, кој датира од 5 октомври 2000 година, а речиси пет години подоцна, на 3 јули 2005 година, бил потпишан анекс со која оваа површина се намалува на 1 067 хектари. Подоцна во 2010 година повторно бил склучен анекс каде што закупената земјоделска површина од фирмата дополнително се намалува на 945 хектари државно земјиште.
„Во 2019 година е поведен судски спор за неплатен закуп за 2017,2018 и 2019 година, а во месец септември 2021 година по извршениот увид во списокот на должници од страна на Државниот инспекторат за земјоделство констатирано е дека закупецот не ги почитувал обврските кои произлегуваат од договорот за плаќање на закупнина и користење на државно земјоделско земјиште поради што се носи изјава за еднострано раскинување на договорот за закуп на земјоделското земјиште кој што е потврден и со правосилна пресуда од Апелацискиот суд Скопје“,
рече Трипуновски.

Образложувајќи го случајот, министерот дополнително наведе дека иако изјавата за еднострано раскинување на договорот била издадена на 28 септември 2021 година Министерството спротивно на Законот за земјоделско земјиште (член 41 став 5) не доставило примерок од изјавата за раскинување на договорот за закуп по електронски пат до Агенцијата за катастар на недвижности за бришење на договорот за закуп што го имал правниот субјект.
„Поради неизвршување на законските надлежности и обврски од страна на Министерството и да спроведе постапка најнапред за бришење од нединствениот регистар на земјоделски стопанства и некоординација со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој се овозможило на закупецот и по раскинување на договорот за закуп, закупецот да може да продолжи да аплицира за субвенции, односно Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството за периодот од 2021 до 2023 година, вкупно три години на закупецот да му се исплатат 19 милиони денари по основ на субвенции. Значи и по раскинувањето на договорот се исплаќале субвенции“,
рече Трипуновски.
Со ова, посочи тој, се отвора дилемата дали овие пропусти на институциите се шема за испумпување на пари од државниот буџет.
Овие, според Трипуновски се само два случаи поткрепени со цврсти докази кои, како што кажа, потврдуваат дека системот и институциите се целосно разурнати.
„Затоа го повикувам Јавното обвинителство веднаш да постапи и да истражи која била целта и зошто се дозволило овие два правни субјекти да добијат огромна сума државни пари, иако Министерството и другите надлежни институции требало навремено да реагираат. Ова се цврсти докази и индиции за сторен кирминал и за таа цел до Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и Финансиската полиција ќе бидат доставени соодветни пријави за понатамошна истрага и за целосно расчистување на овие два случаи“,
рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.