„Посебно ќе им објаснам на оние кои не го ни читаат текстот, туку само насловите“, пишува Слави Трифонов, претседателот на партијата Има таков народ која е коалициски парнер во бугарската влада, во нов Фејсбук-статус со кој денеска ги дообјаснува своите ставови за бугарската блокада на македонските евроинтеграции.
Вчера тој на ФБ предложи на Бугарија да ѝ се укинат визите за САД и земјата да влезе во Шенген зоната, за да го тргне ветото за почеток на преговорите на С Македонија со Европската Унија.
Во последната објава тој, како што вели, во однос на почетокот на преговори, како граѓанин на Бугарија, упатува пораки до С Македонија и до бугарските партнери во НАТО и во ЕУ.
„За Република Северна Македонија – вие задолжително треба да ги исполните сите точки од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка коишто сте ги потпишале со Бугарија, вклучувајќи го и сето она што е поврзано со историјата на Бугарија. Северномакедонците треба да ги признаат своите историски бугарски корени. Тоа е услов за кој не може да се преговара“,
напиша Трифонов.
А еве што им порачува на НАТО и на Европската Унија.
„А за нашите партнери во НАТО и ЕУ, кога толку многу сакате да ја поддржиме Северна Македонија за преговори за членство во ЕУ, постапете партнерски кон нас, како што сакате да ви бидеме партнери – без визи во САД и веднаш во Шенген“,
порачува тој.