На пет лица Кривичен им определи мерка куќен притвор, додека на девет други им се одредени мерки за претпазливост, односно обврска да се јавуваат во судот или кај овластено службено лице и привремено одземање на пасошите
На деветмина од вкупно уапсените 23 осомничени во акцијата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и Министерството за внатрешни работи (МВР), судот вчера им одредил мерка притвор од 30 дена, соопштија од Кривичен.

Акцијата беше насочена за разбивање на две криминални групи кои преку разработена шема на примање и давање поткуп правеле злоупотреби во постапката за остварување права за надоместок за помош и нега од друго лице и незаконско стекнување право на инвалидска пензија.
Оттаму информираат дека судии на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје во текот на вчерашниот ден постапувале под предлозите на јавниот обвинител од ОЈО ГОКК за определување мерки за обезбедување присуство и мерки за претпазливост против 24 лица.
Од нив 23 биле спроведени во судот, а едно лице, како што информираа и од Обвинителството сè уште е недостапно за органите на прогонот.
На деветтемина осомничени, како што информираат од Кривичен, притворот им е определен по три основи од членот 165 од Законот за кривична постапка (ЗКП), односно поради опасност од бегство, попречување на истрагата со влијание врз сведоци и опасност од повторување на делото.
„На 5 лица им определи мерка куќен притвор, додека на 9 лица (судот) им определи мерки на претпазливост согласно член 146 став 1, точки 2 и 3 од ЗКП, односно обврска обвинетиот да се јавува во судот или на овластено службено лице и привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова“,
се вели во соопштението од Кривичен.
Оттаму додаваат дека против овие решенија странките во постапката, односно Обвинителството и осомничените, преку своите бранители, имаат право на жалба пред Кривичниот совет на судот.
Инаку, бројот на уапсени во акцијата е само половина од лицата против кои Обвинителството донесе наредба за отворање истражна постапка, а постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР.
Во истрагата на ОЈО ГОКК се опфатени вкупно 49 лица, за кои постои основано сомнение дека со низата кривични дела кои ги извршиле нанеле штета на државниот буџет.
Станува збор за две криминални групи чии членови разработиле шема преку која на лица баратели на социјални услуги им овозможувале да добијат право на туѓа нега и инвалидска пензија.

Првоосомничена во истрагата е 58-годишина поранешна вработена на Универзитетската клиника за уво, нос и грло со иницијали С. М., од Скопје, а второосомничена е Г. К. Б. (55), исто така вработена во оваа Клиника и член на Комисијата за ревизија на наод, оцена и мислење за утврдување на инвалидност односно неспособност за работа.
Покрај нив, меѓу осомничените се лекари специјалисти кои биле претседатели Стручната комисија за издавање наод, оцена и мислење за потребата од помош и нега од друго лице во рамките на ЈЗУ Општа болница – Велес, од Универзитетска клиника за неврологија – Скопје, потоа Приватната здравствена установа – ординација за општа медицина и специјалистички ординации од Велес, адвокат од Велес и службено лице во Центарот за социјална работа – Тетово.