Пораките што се испратени се до крајот на годината, односно од 14 до 17 декември, кога е Европскиот совет, да имаме позитивно решение, а дотогаш треба да работиме сите страни, пред сѐ С Македонија и Бугарија, но и ЕУ, изјави денеска премиерот откако вчера изостана официјално соопштение од разговорите со еврокомесарот за проширување
Еден ден по посетата на еврокомесарот за проширување на Скопје, премиерот Зоран Заев изјави дека сите средби со Оливер Вархеји биле позитивни и дека се разговарало главно на три теми: Покрај прашањето со Бугарија, на масата се нашле и економскиот инвестициски план на ЕУ и Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија.
Во врска со блокадата од Софија, каде што еврокомесарот Вархеји беше минатата седмица, Заев рече дека прво доаѓа охрабрувањето на тимовите меѓу министерствата за надворешни работи да продолжат во духот на изнаоѓање прифатливо решение.
„Напорите што ги прават еврокомесарот Вархеји и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, секако претходниот ден охрабрени од претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, се тие пораки што беа испратени – до крајот на годината, односно од 14 до 17 декември, кога е Европскиот совет, да имаме позитивно решение. Дотогаш треба да работиме сите страни, пред се Северна Македонија и Бугарија, но и ЕУ, за да ја постигнеме целта“,
изјави Заев
Нема, посочи Заев, никаква двосмисленост или нејаснотија во желбата на сите 27 земји членки за идната интеграција на Западен Балкан во ЕУ и тоа ни беше појаснето и од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и од еврокомесарот Оливер Вархеји.
„Првата тема беше економскиот инвестициски план. Имаме позитивни пораки за Северна Македонија за пакетот 2021 година, поголем од 500-600 милиони евра и сме прворангирани и добивме најголема поддршка од грантовите преку овој план кој стартува годинава. Секако, тоа мора да помине на верификација од земјите членки во Европскиот парламент и до крајот на годината да биде официјализиран. Оставаме ЕУ да ги објави и проектите и парите и се што е поврзано со тоа“,
појасни Заев.
Втората работа, рече Заев, за која разговаравме со Вархеји беше Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија и соодветното поставување на лидерите од Западен Балкан во пресрет на форумот.
„Желбата е и на Западен Балкан и на ЕУ, конечно, да направиме поместување во овој процес и соодветниот наратив на форумот, што ќе се одржи во Словенија, навистина ќе биде многу важна порака што треба да стигне до граѓаните и институциите во сите земји од Западен Балкан, но и кај земјите членки. Ги следите дискусиите во ЕУ. Нема дилеми за стратешката поставеност на Западен Балкан, на ЕУ кон процесот на интеграции на Западен Балкан и затоа е многу важно по одредена видлива пауза, кои конкретни чекори ќе бидат прифатени“,
изјави Заев.
.
За тоа дали било разговарано со европските партнери за текстот објавен од Ројтерс за проблематизирањето на проширувањето, Заев рече дека прочитал и од извештаите кои доаѓаат од МНР и од нашите амбасадори, за разговорите на европско ниво за формулациите, што како порака треба да се испратат од Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија.
„Има потврда дека нема дилема оти местото на цел Западен Балкан е во ЕУ и тоа е чиста работа. Наративот што дел од земјите сакаат да го преточат е да биде на линија на новата методологија. Процесот мора да биде во делот на успешноста и знаете дека новата методологија има и повратен механизам. Ако не успеете во владеење на правото, и ако исполните одреден кластер може да се вратите на самиот почеток и во функција на тоа ги разбирам и Франција, и Холандија и Данска, кога го дефинираат самиот наратив, но нема никаква двосмисленост или нејаснотија во желбата на сите 27 земји членки за идната интеграција на Западен Балкан во ЕУ. Тоа ни беше појаснето и од претседателката на ЕК, и од Еврокомесарот Вархеји“,
изјави Заев.
Новата методологија, посочи тој, не е само за нас – Северна Македонија и Албанија, кои чекаме да ги отвориме првите кластери, туку се сериозно прашање и за Србија и за Црна Гора – кои веќе имаат завршено поглавја.
Вархеји вчера престојуваше во Скопје, ден по посетата на Фон дер Лајен, ама од Владата не испратија официјално соопштени од средбата со премиерот Зоран Заев, кој, пак, кусо напиша на Твитер дека со еврокомесарот отворено разговарале за неколку прашања.