Три лица денеска на Клиниката за инфективни болести се тестирале за коронавирус и нивните резултати се негативни, информираат од Министерството за здравство. Станува збор за македонски државјани од кои двајца допатувани од Италија и еден од Шпанија.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски и министерот за здравство Венко Филипче, денеска, го посетија граничниот премин Табановце, кој е најфреквентен граничен премин на којшто доаѓаат патници од регионот на Северна Италија.
Оттука, министерот Филипче рече дека сите припадници на Министерството за внатрешни работи и царинската служба одлично се справуваат со ситуацијата и целосно се почитува утврдениот алгоритам за контрола на патниците.
Тој, денеска информираше дека Министерството за здравство го потпишало договорот за набавката на дезинфекциски средства за училиштата и веќе од утре ќе почнат да се дистрибуираат како превенција од коронавирусот.
„Во текот на вчерашниот ден го потпишавме договорот и веќе од утре со помош на локалните самоуправи ќе бидат дистрибуирани во основните училишта, така што и тој проблем ќе биде решен“,
рече Филипче.
Премиерот Спасовски и министерот Филипче упатија апел до сите оние кои патуваат или ќе допатуваат во нашата земја, точно да одговараат на прашалникот, бидејќи на тој начин го штитат сопственото и колективното здравје на граѓаните.
„Најмногу апелирам до совеста на граѓаните. Има случаи кога некои луѓе биле во Италија и доаѓаат без да пријават, па дури одат на работа. Затоа најважен момент е колку ќе бидеме самосвесни“,
рече Спасовски.
Засега единствен потврден случај на коронавирус во земјава останува педесетгодишната жена, која според Филипче е во добра состојба и е во рана фаза на заздравување.