Хаосот со Инспекторатот за јазици настана по измените на Законот за инспекциски надзор во декември минатата година, со кои на сите инспекторати им се укина правниот статус и тие се ставија под надлежност на министерствата
Со цел Владата да обезбеди институционална функционалност и правична исплата, како што информира премиерот Христијан Мицкоски на крајот на мај, Инспекторатот за употреба на јазиците ќе биде под надлежност на Министерството за правда
Вработените во Инспекторатот за употреба на јазиците, преку писмо испратено до медиумите, реагираа дека не добиле плата за три месеци и дека Министерството за правда се уште одбива да ги преземе.
„Министерството за правда, под водство на Игор Филков, ни должи три плати за април, мај и јуни, а платата за јули е целосно непокриена бидејќи Министерството сè уште одбива да нè преземе и покрај тоа што Собранието на 24 јуни усвои закон што ги обврзува да го сторат тоа во рок од 30 дена. Рокот истече. Реакција – нула. Одговор – нула. Интерес – уште помалку“,
наведуваат тие во реакцијата.

Според нив, Владата на чело со премиерот Христијан Мицкоски е целосно информирана за состојбата.
„И ако не реагира во оваа недела, ја презема целосната одговорност за уништување на судбините на цели семејства пред очите на јавноста“,
децидни се вработените во Инспекторатот.
„360 степени“ се обрати до Владата со прашање, што е проблемот што досега не се преземени вработените и што не им се исплатени плати за три месеци. Од Владата ни одговорија дека исплатата на платите во Инспекторатот за употреба на јазиците доцнела поради блокадата од страна на ДУИ во Собранието.
„Не постоеше законска надлежност од страна на Министерството за правда за исплата на платите. Со измената на законските решенија и нивно усвојување во Собранието, Министерството за правда веднаш започна со исплата на платите. Досега се исплатени платите за јануари, февруари и март, а во текот на наредната недела ќе се исплатат плати и за април, мај и јуни“,
изјавија од Владата.
Хаосот со Инспекторатот за јазици настана по измените на Законот за инспекциски надзор во декември минатата година, со кои на сите инспекторати им се укина правниот статус и тие се ставија под надлежност на министерствата. Со цел Владата да обезбеди институционална функционалност и правична исплата, како што информираше премиерот Христијан Мицкоски на крајот на мај, Инспекторатот за употреба на јазиците ќе биде под надлежност на Министерството за правда.
„По усогласувањето на законот за Инспекторат за употреба на јазици со Законот за организација и работа на органите на државната управа што веќе еден месец се наоѓа во собраниска процедура ќе им се овозможи на вработените да земаат плата. Бидејќи ова е прашање поврзано со Бадентер, очекуваме сите политички партии во Собранието да постапат рационално и конструктивно, без блокади и без обиди за политичка злоупотреба на ова прашање, кое директно ја засега егзистенцијата на семејствата на вработените во Инспекторатот“,
рече тогаш премиерот на заедничката средба со првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити со директорот на Инспекторатот за употреба на јазиците Арсим Идризи и дел од вработените.
Министерството за правда го презеде буџетот на Инспекторатот, но не им исплаќаше плати на вработените со образложение дека Министерството за финансии не дава согласност за нив, сè додека не се спроведат законски усогласувања. Инспекторатот имаше еден правен статус според посебниот Закон за инспекторат за употреба на јазиците, а сосема друг согласно Законот за организација и работа на органите на државната управа и според Законот за инспекциски надзор.
Од ВЛЕН пред три дена информираа дека во Собранието се одобрени законски измени со што се отвора патот за решавање на прашањето за финансиски надоместоци за вработените во Инспекторатот за употреба на јазиците.
„Одобрените измени, покрај овозможувањето на финансиската функционализација на Инспекторатот, вклучуваат и важен политички договор што му дава право на Инспекторатот за употреба на јазиците да изрекува казни, клучна надлежност за зголемување на ефикасноста и конкретната имплементација на Законот за употреба на јазиците“,
соопштија од ВЛЕН.