Во акцијата за гаснење на пожарите во Северна Македонија, додаваат од српското министерство, учествуваат 10 пожарникари спасувачи со три теренски возила, кои дејствуваат во атарот на селото Магленце, со што спречуваат понатамошното ширење на пожарот кон територијата на Србија
Три хеликоптери ќе бидат испратени денеска од српското Министерство за внатрешни работи за да интервенираат на гаснење на пожарот кај манастирот „Свети Прохор Пчињски“ од каде што огнот е проширен кон Бујановац, најави вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.
„По одобрение на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот Милош Вучевиќ, Министерството за внатрешни работи утре ќе испрати два хеликоптери за да им даде помош на припадниците на Секторот за вонредни ситуации во гаснењето на пожарот што се прошири од Северна Македонија во областа Козјак кај Бујановац, во близина на манастирот „Свети Прохор Пчињски“,
се вели во вчерашното соопштение на министерството.
Поради ширење на пожарот во источниот дел на Северна Македонија, се додава во соопштението, а врз основа на официјалното барање на македонскиот Центар за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи ќе испрати хеликоптер „агуста бел 212“ со пет припадници на хеликоптерската единица и припадник на Секторот за вонредни состојби.
Во акцијата за гаснење на пожарите во Северна Македонија, се вели во соопштението, а по одобрение од нивните македонски колеги, учествуваат 10 пожарникари спасувачи со три теренски возила, кои дејствуваат во атарот на селото Магленце со што спречуваат понатамошното ширење на пожарот кон територијата на Србија.
„Во гаснењето на пожарот на крајно непристапен терен во областа Козјак, ангажирани се 43 пожарникари спасувачи со 14 возила од противпожарните единици на Врање, Белград, Ниш, Лесковац, Крушевац, Смедерево, Панчево, Јагодина и Крагуевац“,
се додава во соопштението на српското МВР.