Поранешниот генерален директор на АД ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, доби три години казна затвор за злоупотреба на службената положба при набавка на софтверски систем за компанијата. Бошковски е сопруг на поранешната заменик-министерка за правда од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Бришкоска-Бошковски.
Освен него, по три години затвор судот изрече и за раководителите на сектори, Методиј Стојменовски и Ненад Ѓорѓовски, за истото кривично дело. Случајот го отвори Специјалното јавно обвинителство под името „Тарифа“.
СЈО ги товареше дека со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација, со што му причиниле имотна штета на АД ЕЛЕМ од 456.560 евра.
Ѓорѓовски потпишал сертификат дека имплементацијата на софтверот била успешна, а Стојменовски поднел барање да се исплатат паричните средства кон конзорциумот во вредност од 158.965 евра. Бошковски со анекс на договорот ги исплатил парите за одржување на системот, кој не бил имплементиран.
Судот ги задолжи Ѓорѓовски и Стојменовски да ја надоместат штетата на ЕЛЕМ (сега ЕСМ) за имотно-првно побарување и тоа Ѓорговски – 20.000 евра, а за Стојменовски – 30.000 евра во рок од три месеци по правосилноста на пресудата.
Воедно, за пријавеното имотно-правно побарување во вредност 158.965 илјади евра, ЕСМ се упатува да го остварува во засебен судски спор.