Во Србија, 3 и 4 мај се одбележуваат како Денови на сеќавање на жртвите на масовните убиства во основното училиште „Владислав Рибникар“, а еден ден подоцна и во селата Мало Орашје и Дубона
Со положување цвеќе и палење свеќи во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, денеска се оддава почит на жртвите од масовното убиство во кое пред три години ученик уби девет свои соученици и еден вработен во обезбедувањето.
Утрово, точно во 8:41 часот, програмата на сите телевизии во Србија била прекината на една минута, во знак на почит кон жртвите, јавуваат тамошните медиуми.
Злосторството се случи на 3 мај 2023 година, во училиштето што го посетуваше самиот сторител. Во нападот беа убиени ученичките Бојана Асовиќ, Ана Божовиќ, Катарина Мартиновиќ, Мара Анѓелковиќ, Ема Кобиљски, Софија Негиќ, Андрија Чикиќ, Адријана Дукиќ и Ангелина Аќимовиќ и работникот во обезбедувањето Драган Влаховиќ.
Пет ученици и еден наставник по историја беа ранети.
Злосторството беше направено за време на настава. Од денот на извршувањето на масакрот, сторителот се наоѓа во психијатриска болница.
На него не може да му се суди бидејќи е помлад од 14 години, но се води постапка против неговите родители.
Еден ден по трагичниот настан во „Рибникар“, на 4 мај 2023 година, дваесет и едногодишниот Урош Блажиќ уби девет и рани тринаесет лица во селата Орашје и Дубона во близина на Младеновац.
Во Србија, 3 и 4 мај се одбележуваат како Денови на сеќавање на жртвите на масовните убиства во основното училиште „Владислав Рибникар“, а еден ден подоцна и во селата Мало Орашје и Дубона.
